Тони Науновски
МАКЕДОНСКИ НАРОД
Неподносливо е да се слуша и чита, секојдневно и насекаде, понижување на припадниците на Македонскиот народ, изразено преку говор и текст во кои ние, Македонскиот народ, се нарекуваме „етничка заедница“. Одамна е јасно дека тоа не е случајно, туку дека е аспект од нечии систематски планови за уништување на историскиот бекграунд на Македонците, наше „мрднување“ од светско-цивилизацискиот Ум, изразено преку вербално-фонетската димензија на потиснување и репресија. Коските во гробовите на нашите претци кои загинале со зборовите „слобода за Македонскиот народ“, а такви има безброј, веќе се превртуваат од 16–годишното понижување, кое како историско ехо допира и до нив. До кога напатениот Македонски народ ќе трпи свое означување како некаква „етничка заедница“, и тоа во својата, макотрпно и со многу пролеана крв здобиена национална држава?! Не можам ниту да замислам како денес би се чувствувале Македонските херои, кои заминувале со оружје да се борат против окупаторите со идеалот и зборовите „Македонска држава и народ“, кога би слушнале дека денес некои нивните потомци, нас, не жигосува, стигматизира, не нарекува славомакедонци, припадници на етничка заедница (а не народ кој конечно го реализирал милениумскиот сон за своја современа, демократска држава во која важат највисоките меѓународни стандарди во правниот систем). И за да биде историската иронија уште поголема, тоа да биде кажувано од министри во влада на државата Р.Македонија!
И во овој контекст на анализа, најважен е Уставот на Република Македонија. Како што секој може да прочита, во Амандманот 4 на Уставот на РМ, кој според официјалниот документ потпишан од тогашниот претседател на Собранието на РМ Стојан Андов на 16 ноември 2001 год. станал (заедно со други амандмани) составен дел на Уставот на РМ, има две точки:
Во првата точка пишува –„ Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“. Во втората точка пишува – „ Со точката 1 на овој амандман се заменува Преамбулата на Уставот од Република Македонија“.
Во таа смисла, како и во сите современи унитарни држави, и РМ има две категории за експликација на својата национална структура (покрај онаа „граѓани“, во смисла на граѓанско општество во кое законите ќе важат подеднакво и за сите граѓани), со прецизно и дефинирано значење – Народ, и „делови од народ“ што е синоним за „национални малцинства“. Значи, дури и во овој актуелен, „рамковен“ Устав кој мора да се делегализира/поништи токму во тој „рамковен“ дел преку враќање на АСНОМ-ската Преамбула, сосема прецизно и еднозначно е истакната разликата помеѓу категориите (зборовите, термините, поимите) „Македонски народ“, и „дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Тоа е вистината, основата, изразот на историската но и актуелната реалност во оваа држава. Со сета почит кон сите граѓани односно „делови од народи“, Уставниот статус мора да се преслика во секојдневната јавна и политичка терминологија, која најчесто некои припадници на политички партии од делови на народ кои живеат на оваа територија не ја почитуваат, и со тоа директно го навредуваат Македонскиот народ, секој припадник на Македонскиот народ, поединечно, по име и презиме. Време е еднаш засекогаш да научат тие, таквите што секојдневно не навредуваат – Македонија била, е, и ќе остане држава на Македонскиот народ и повеќе национални малцинства („делови од народи“) кои имаат свои матични, национални држави. Тие треба, како и сите национални малцинства во светот, да ги почитуваат законите кои им ги гарантираат нивните малцински права во националната држава на Македонскиот народ (а кои права, патем кажано, се апсолутно над стандардите кои ги практикуваат буквално сите држави во светот).
Да не дозволуваме повеќе Македонскиот политички јазик да го претвораат во голема лудница. Лудница на зборови кои немаат свое потекло и свое автентично значење – шизофрен јазик во функција на антагонизам кон автентичните историски процеси што резултираа дури и во актуелниот Устав на РМ. Не може во 21 век да се поднесуваат примитивни Калигули кои со меч среде нашиот национален молк ќе извршат декапитација на јазикот, како симбол на гордиот Македонски народ. Водени од националистички мотиви и со дрско игнорирање на суштината на политичкиот јазик тие насилно воведоа манипулирање со јазикот, долги 16 години. Во него, во нивниот јазик, веќе нема ниту трага на основната логика на здравиот разум. Јазикот го инструментализираат, го деформираат во средство за репресија, за деструкција, во апологија на сопствените политички фантазмагории.Таквиот јазик е само посредник на други големи програми кои го докрајчуваат онтолошкиот статус на Македонскиот народ. Грешат оние заслепени Македонци кои сеуште по масакрот кај вејце и диво насеље бараат некаква неможна хармонизација на историските значења со неприродни, наметнати трендови кои се насочени токму кон укинување на значењата кои ја одредуваат смислата на колективната егзистенција на нас самите, Македонскиот народ!
Денес Македонците мора да остварат радикален пресврт во самиот пристап кон политичкиот јазик, и него од длабочината на вековите од гордото минато на жртви да го поместат во длабочина на вековите од нашата иднина како победници. Простотилакот на секојдневното, насилната практика која се доживува како баналност мора да го добие својот одговор од длабочината, од нас кои можеме да го слушнеме зборот-гласот на Македонското минато! Ние нема да ги изгубиме своите извори, среде овој голем судир што се случува во овој, токму овој историски миг, кога уште еднаш ги пронаоѓаме своите Македонски основи! Да го продолжиме патот, кој во нашиот извор веќе е означен, и да го изодиме во определени значења и разбирање на неговите последици во нашата судбина како Македонци во 21 век. Историјата и актуелноста на Македонскиот јавно-политички говор, на јазикот Македонски, е всушност нашата историја на националниот дух.
Во тој контекст, мора уште веднаш да го поставиме барањето до Македонските политичари и медиуми – веднаш да ги исфрлат од јавна употреба сите термини кои се фалсификување на историјата, реалноста, на Уставот на РМ. Предолги 16 години систематски доминира јавен говор кој од подлабока перспектива и доколку се анализира од светско-историските но и актуелни практики (и соодветно, законски решенија), претставува нова форма на говор на омраза кон Македонскиот народ. Упатеноста кон подлабоките, најсуштинските структурни елементи кои ја креираат реалноста и иднината денес мора да биде нашата нова цел, а токму јазичната делегитимација и демистификација на ваквиот современ говор на омраза кон Македонскиот народ е многу важен аспект.