Тероризам и патриотизам

Тероризам и патриотизам

Политичка мемла De luxe

Според утрото денот се познава. Еве, веќе во првите денови на новата 2021 година, безобѕирните, агресивни, простачки надуени апашишта во власта, како и сосема неспособната, килава опозиција, јасно најавија дека и за едните и за другите најсигурно поле за стерилен политички натпревар и натаму ќе биде плитката политикантска кал на заемни обвинувања, нафрлувања и препукувања, по можност „мечот“ некако да се добие на бодови, а не со ефектен политички нокаут, за што се нема ни сила ни способност.

Од едната страна, онаа заевската, тоа се офанзивни, дрски лаги, патолошки самопофалби за цутење и благосостојба на државата на сите рамништа, од „блескотната“ меѓународна положба на Македонија, „забетонираниот идентитет“ и суверенитет, економијата и животниот стандард со чудесни, „квантни скокови“ (да, надолу!), до човечките права и медиумските и други слободи, па сѐ до секојдневни најуличарски подметнувања и бизарни фејк информации (made in Костадиновпротив политичките противници, а од другата страна, онаа мицкоската, млаки дефанзивни деманти, оправдувања, божемна соперничка лутина, барања лидерски средби (со кого, бе?), и постојано пекање по предвремени избори (ајде, па да видиме кој сега ќе победи, аха!), и некакви си брзи, сосема непродуктивни контри, со онаа препознатлива, излитена, здодевна фудбалска техника на кратки дупли пасови, со надмудрувања, дриблања и досетки, но без вистински дадени голови, и евентуално со по некоја полуоптимистична статива. Затоа и едните и другите нека не се чудат што интензивно ја губат својата „публика“, а стадионот, македонската јавна граѓанска арена, станува сѐ потаговна, сѐ поапатична, сѐ попразна и без нивни мотивирани подржувачи. Уште малку и ќе ги снема сосема, се разбира, освен оние на албанските етнички партии кои, разбашкарени во државата како бубрег во лој, на своите гласачи ред-по-ред и едно-по-друго им го испорачуваат не само сето она што им го ветиле од големоалбанската окупаторска Тиранска платформа, туку и многу, многу повеќе, а така ќе биде сѐ додека во тнр. „македонскиот блок“ има, на национална сметка, толку расипнички, дарежливи, самозаљубени, егоцентрични и егоистични будали.

Значи, нема сомневање дека и годинава нѐ чека еден, веќе неподнослив, застоен, мочварен политички status quo: власта со газојте цврсто си е залепена за своите меки кожени фотељи, всидрена во својата неограничена авторитарна моќ и дембелски пашалак, кој секогаш одново, и според потребата, како картичката за автобус за натамошно возење, може дебело, на народен трошок, да им се надоплати на непоколебливите, неуморни и незаситни уценувачи во „стабилното“ парламентарно мнозинство, додека опозицијата (не)стрпливо си чека некакви, какви-такви, ма било какви избори, надевајќи се дека (конечно) ќе победи. Но, за жал, она првото, т.е. ова на заевските кримо-квислинзи, сосема спокојно ќе си трае и натаму, па и во недоглед, сѐ додека на опозицијата единствената идеја за уривање и промена на власта ѝ е надевањето за „гарант“ изборна победа „следниот пат“, се разбира, во коалиција (и согласност исклучиво околу економските прашања – sic!) со некоја од големоалбанските партии (избор по волја!). Но ако опозицијата има намера во тоа да успее со истиот свој актуелен, неуверлив, заспивен и компромисерски политички наратив – бескрајно се лаже. И на глатките, најпроѕирни лаги на простакот Заев повеќе им веруваат, одошто на „даскалот“ Мицкоски кога кажува вистина. Но дефектот не е во перцепцијата кај масите, туку во уверливоста, односно неуверливоста на комуникацијата со нив. Енергичната фашистоидна театралност на Заев моментално повеќе „пали“ од интелектуалната резервираност и од математичките показатели и графикони на Мицкоски и неговите повеќе пати déjà vu политички закани: „На следните избори ќе те поразам, Заев!“. Кога бе, Христијан?

Постновогодишната атмосфера ни најавува и уште нешто: како општество остануваме цврсто доследни на Лекоумноста, Лудоста, Глупоста, Подмолноста и моралната Перверзија од de luxe категории. По тоа сме веќе одамна надалеку познаени и препознатливи.

Школски пример за најприземна морална Перверзија и немерлива Подмолност во исто време беше деновиве дадената изјава на „скубаната“ проамериканскa социјалдемократка (леле, само во Македонија може да има нешто такво!!?) Шугеринска, која неодамнешните настани во Вашингтон и настаните од 27 април 2017 година во Скопје, патолошки Перверзно, до коска Гнило, Расипано и Подмолно, и над сѐ Лудачки исконструирано, ги тутна во иста заевска квислиншка и големоалбанска вреќа, обидувајќи се притоа со тоа во јавноста и политички да поентира. Невиденото злосторство против Република Македонија и против македонскиот народот, што таа и нејзината пучистичка гангстерска дружина го извршија со државниот удар на 27 април 2017 год. во Собранието на Република Македонија, таа се обиде лежерно на јавноста да ѝ го подметне, да ѝ го протури како божемно спасување на демократијата, за разлика од македонските уставобранители кои се саможртвуваа за да го спречат тој најцрн предавнички акт и тоа невидено политичко силување на демократијата што токмуоднатре (а не однадвор како во Вашингтон), и токму од нив (а не од уставобранителите),беше криминално, агресивно, безобѕирно нападната, згазена и прегазена на тој, за Македонија најтрагичен ден.

Кај Шугеринска до крајни граници се проткајуваат неверојатната Подмолност и фашистоидниот Цинизам, со тоталната морална Изопаченост! Но, бидејќи (политички) шизофрените лица имаат целосно поместена и сосема наопаку свртена слика на стварноста, таа нејзина изјава треба да се прочита и да се разбере едноставно, најбуквално, како обичен но мошне сугестивен нејзин личен, но и нивен групен заевски и големоалбански автопотрет:

Се покажа“, вели Шугеринска за себе си и за своите пучистички компањони, дека демократијата може да биде сериозно загрозена кога политичката моќ е во рацете на луѓеза кои функцијата е поважна од државата, и кои стимулираат поделби, омраза и насилство само за да ја задржат“… тоа е предупредувањедодаде таа, „дека непријателите на демократијата не смееме да ги потцениме и дека тие се хранат од поделби, лаги и полувистини, манипулации и огромни дози на стимулирана омраза

На ова место, пак, од нејзината шизофрена потсвест за потиснатата кримогена вина, фројдовски незапирливо ѝ искокна и една ваква психотична реченица за која, верувам, никому не му е потребно никакво посебно толкување:

Ако ги следите американските медиумирече таа, дишејќи длабокоќе видите дека најголемиот дел новинари и аналитичари воопшто не се колебаа да го користат вистинскиот збор ‘терористи’ за оние кои со насилство сакаа да предизвикаат политички пресврт, спротивно на волјата на граѓаните.

И, верувале или не, Шугеринска на крајот поентира вака: „Американската демократија преживеа, како што преживеа и македонската.

Е, па на оваа ептен Голема Гнасна Глупост со Големо Г од крајот на изјавата, кое има значење, вредност и тежина и на она друго општопознато големо шуГеринско Г, сликовито извлечено како headline во некои наши домашни медиуми, може да ѝ се одговори само вака: госпоѓо Шугеринска, на 6 јануари американската демократија преживеа затоа што во американскиот парламент немаше таква лигава, мизерна, предавничка, уличарска аморална политичка багра како вашата заевска и големоалбанска банда, која простачки, лудачки, безмилосно и на најсуров каубојски начин на 27 април 2017 година пред очите на целиот свет дивјачки ја уби и ја сотре македонската демократија. Со такви безобѕирни кариеристи и грабежливци во власта како вас, македонската демократија не само што не го преживеа 27 април 2017, туку денес е толку мртва што помртва не може да биде.

А што се однесува до ‘терористите’, зборот што фројдовски толку силно го потцртувате, проамериканска социјалдемократке Шугеринска, вистинските терористи, и тоа без наводници, денес во Македонија сосема раскомотено си седат до вас, и цврсто гушнати со вас во едноумната двоглава криминална големоалбанско-заевска власт, заедно со вас безмилосно наоколу ја срамотат, ја понижуваат, ја блатат, ја ограбуваат и ја распрчкуваат Република Македонија, додека бранителите на нејзиниот уставен поредок и на правната држава, прекрасни млади луѓе, македонски национални херои, вистински патриоти, кои се жртвуваа за својата сакана татковина Македонија и за македонскиот народ, по директен сталино-фашистички налог на вашата заевска „демократска“ власт, во овој 21 век, во срцето на Европа, од вашато заевско „демократско“ диригирано судство се осудени како политички затвореници, како во времето на најужасниот апсолутистички руски николаевски режим, да гнијат вкупно 120 години по вашите црни, небаре сибирски „демократски“ зандани.

Толку за македонскиот политички монструм Шугеринска и за неколкуте нејзини големи Г. Впрочем, што друго и би можело да се очекува кога еден така празен маскирен квислиншки НАТО шлем дава изјави?

Но за крајот на овој новогодишен почеток има уште нешто што треба да се одбележи: кога станува збор за страшната устоеност, неподвижност и мемливост на македонските политички идеи, оваа 2021 година започна крајно симболично инертно и безнадежно и по прашањето на приемот на Македонија во ЕУ.

Пред неколку дена, имено, веднаш по Новата година, македонските електронски медиуми донесоа ваква „возбудлива“ вест: „Шок од Европа: Сѐ помалку причини за проширување од Балканот, барајте други модели“. Од тоа едноставно и единствено може да се заклучи дека Македонија и натаму трагично останува болен и наивен заложник на овдешните политички и граѓански очекувања и илузии, и на аморалните меѓународни, особено европски заведувања и лаги, дека започнувањето на преговорите со Европската Унија, и приемот во нејзино членство еднаш, кога-тогаш, ќе се случи.

Таа и таква вест, меѓутоа, може да претставува „шок“ само за оние што упорно себе си, и на другите, им држат превез преку очите и не сакаат да сфатат дека тоа ветување е само евтино шарено лижавче за македонскиот народ и крајно успешна алатка за немилосрдна и неморална манипулација и диригирање со македонската политичка сцена и со судбината на македонските граѓани. Јас веќе четири години низ своите колумни се обидувам на македонската јавност, и на обичниот македонски човек, да им ја искомуницирам свеста за тоа дека Република Македонија никогаш нема да биде примена во ЕУ. Не затоа што јас, во некои други можни, далеку посреќни и многу поцивилизирани меѓународни околности, не би го сакал тоа, туку затоа што тоа едноставно никогаш нема да се случи. Само вакви Македонија и македонскиот народ, држани во постојана нерамнотежа и несигурност, во постојана психоза на исчекување, перманентно потхранувани од голи и празни илузии за некаква си среќна иднина во таа убава, светла и просперитетна Европа, само така, со закостенети заблуди и опиени од лажни надежи, можат да бидат успешно контролирани во трајно, меѓународно неинституционализирано, диво подложништво и ропство, можат да бидат безочно искористувани и експлоатирани како незаштитен географски простор и аморфна народна маса, или само како привиден протекторат на големите и моќни држави. Единствено на тој начин сите околни предатори постојано и неумесно ќе ги држат своите алчни, валкани, силувателски раце врз Македонија, врз нејзината слобода, врз нејзиниот суверенитет и врз нејзиното достоинство. Само таква, обесмислена и распаметена Македонија, и само таков кон Ништо и кон Никаде заталкан македонски народ, ним им одговара.

Доведувањето во прашање на проширувањето на ЕУ од земјите на Балканот, значи смрт и за мртвородените програми на македонските политички партии, зашто приказната за НАТО и ЕУ беше долга, неисцрпна мантра за нивни изборни ветувања, лаги и меѓусебен натпревар пред македонските граѓани и пред меѓународната заедница. Во основа безидејни, преживувајќи од денес до утре, без автентични и автономни политички, стопански и културолоишки концепти, сето свое дејствување го поврзуваа само со постојаните очекувањата и прекумерните бесмислени и недобронамерни барања на меѓународната заедница, кои на Македонија ѝ донесуваа само нови и нови непремостливи проблеми. Затоа од сите страни така ѕверски и агресивно ни се нафрлија и фрчеа низ Македонија и низ нејзините официјални државни институции најразлични туѓински силуватели, министри, претседатели и премиери на држави, амбасадори без дипломатска етика и достоинство, и разни ступидни бироктарски гнасови-лигни од типот на Јоханес Хан, Федерика Могерини, мразни фашисти од типот на Каракачанов и Коѕиас, или пак оној изветреан метузалем Метју Нимиц, кого никој повеќе ниту го врти ниту го спомнува, ниту пак воопшто се сеќева на негоКојзнае и дали воопшто е жив, а тој, довлечкан од џенем, ни беше оној феноменален формален кум-силувател со бесмисленото заевско троделно име на државата. Е, сега, post festum, останувајќи без никаква уверлива ЕУ-приказна, македонските политички партии останаа и без почва под нозете, без најголемиот „аргумент во своите политички мавтања со флоскули пред носот на граѓаните. Ќе мораат, значи, да смислат нешто друго, пооригинално, а тоа, по долгото безидејно шлајфување во ЕУ-место, баш и нема да им биде така едноставно.

Се чини дека Христијан Мицкоски во таа смисла лека-полека почнува тоа даа го сфаќа. Мислам притоа на неговата изјава од пред неколку дена дека „доколку во ЕУ постоеше расположение за проширување ќе ја притиснеа Бугарија“, што е апсолутно точно. Заев, пак, и натаму не се откажува од таа слатка меѓународна политичка игра и упорна ЕУ-измама на своите верници кои упорно талкаат по него кон некоја уште подлабока и понепремостлива Небиднина и Ништожност, а велепредавничката мизерија Димитров, сиот ишаран и изорнаментиран од своите накитени погани софистички флоскули и досетки за оправданоста на потпишувањето на Преспанскиот договор, „мудро“ најавува дека ќе чекал да поминат изборите во Бугарија, па после ќе ги уверувал Бугарите дека ние сме Македонци, дека нашиот идентитет е македонски, дека нашиот мајчин јазик е македонски, оти Гоце Делчев и сите наши јавни и културни дејци од минатото се Македонци, па Бугарите, одеднаш расонети и уверени во македонската вистина, крајно беневолентно и весело ќе ни дадат ausvajs за ЕУ. А пак таму горе, во ЕУ, ќе нѐ  пречекаат со леби сол, со ширум раширени братски раце и топли хуманистички насмевки на лицето.

Но нема ништо од тоа. Таа приказна за мали деца беше завршена уште и пред да започне. Ако пред петнаесеттина и повеќе години и имало некакви тенкички реални надежи таквото сценарио за прием да се развие во некоја позитивна насока, денес од тоа веќе нема ништо. Европа веќе одамна не е иста, Европа денес е без компас и само преживува, без вистински јасни, прогресивни и пропулзивни идеи, а македонското европско досие засекогаш е турено на страна, на некој правлив бриселски рафт. Ок, нема сомнение дека европските професионални прематари и натаму ќе ни лансираат охрабрувачки твитови, препотентно ќе врлуваат низ Балканот и низ Македонија со најразлични ли(з)гави ветувања („Европа ве чека, на Европа вие сте ѝ приоритет“!), впрочем, за тоа примаат и плата, ќе се слик(ув)аат за медиумите и ќе даваат високоумни, важни изјави заедно со нашите малодржавни политичари, а пак тие во своите локални мини-балкански кампањи и натаму ќе го тегават, ќе го џвакаат и ќе го развлекуваат тоа жилаво, непрегризливо ЕУ-црево, „остро ама тивко, тихо“ ќе ја критикуваат и ќе ја предупредуваат Европа дека со неисполнувањето на ветеното го нарушила својот меѓународен кредибилитет (за што нејзе многу ја заболе!), и таа здодевна ЕУ-приказна за светлата на далечниот волшебен Запад и натаму ќе си ја пресипуваат од шупливо во празно, сѐ додека имаат кој да ги слуша.

Па, веројатно ќе прашате, имам ли некаква порака на крајот од овој самрачен текст? Да, имам: Светлината е на спротивната страна од Политиката!

Сиот потенцијал и сета сила на еден народ и на неговата држава се длабоко во нив самите. На светот не постојат само некои 27 заслепувачки ЕУ-ѕвездички, со веќе одамна изгубениот хуманистички сјај. Прекрасното цивилизациското небо е бескрајно пошироко и неизмерно поубаво. Вистинските пријатели не се само во ЕУ, во САД и во НАТО. Светот е многу поголем, а и ширум него се одвива убав, благороден, креаативен и продуктивен живот.

И најпосле, политиката не е сѐ! Ќе го цитирам Марк Твен, кој напиша дека „политиката е само најтенкиот и најповршен дел од суштината на еден народ“. А јас додавам: особено ако неговите политичари се толку глупави и неинвентивни. Во секој народ, па така и во македонскиот, постојат и многу, многу подлабоки и потрајни вредности од политичкиот илузионизам, но самиот народ, и секој човек одделно, мора да си пронајде пат и начин да се извлече, да се искорне, да се ослободи од страшната чума на 21 век: од хиперполитичката илузионистичка опсесија и од сопствената опседнатост од политичките светкави шарени лаги, и да си се врати кон своите длабоки изворни животни вредности, и кон своите неограничени потенцијали, кои само на тој начин на политиката би ѝ го одредиле вистинското, реално место во светот: да биде сервис на граѓаните, а не нивен дрзок и безобѕирен апсолутен господар и Бог.

Алдо Климан,

Пула. 09.01.21