Во врска со “ослободувањето” на Сашо Мијалков и Орце Камчев на социјалните мрежи текстови, коментари, пораки се изнапишаа еден куп гаталци, ама ретко кој паталец.
Прашај паталец а не гаталец, е народната мудрост.
Гаталецот пишува врз база на своето “знаење” базирано на гледање Холивудски филмови и слушање кафански прикаски. Значи, пишувањето му е едно обично ништо.
Паталецот пишува од сопствено реално искуство, базирано на години-и-години борби по судските ходници.
Миленко е паталец.
11-те милиони на Шиптар и Орце НЕ СЕ СЛОБОДА. Двајцата имале прослави при излегувањата, но тоа е само првична еуфорија при замена на затворски мадрац со Дормео душек. И, толку. Илузијата за “слобода” трае три-четири дена, потоа почнува реалноста.
Мене условната слобода судот ми ја даде по 7,5 месеци притвор што ми го “обезбедуваа” Марко Зврлевски и Штерјо Зиков, пулени на Ленче Софрониевска. Гаранција ми беше одземениот пасош.
Тиа е “слобода” која не е слобода. Секое испраќање на синот Борис или ќерката Бона на аеродромот Александар Велики, значеше дека можам да дојдам само до ескалаторот. Секој таков момент ме потсетуваше дека сум заробен створ на кој ланецот му е пуштен само до тука.
Секое мое патуваее со пријателот Долар во правец на Петрич, значеше дека само до Ново Село можам да го возам Долар, натаму он продолжува сам. А јас ќе чекам од оваа страница на границата. Само паталец може да го разбере тоа чуство на немање слобода, на ограничено движење.
И јас, при излегувањето на 23-ти декември 2005 имав забава. Без пари, без иднина – си направив забава сам со себе во една предновогодишна ноќ во кафе-барот Мартини.
11,5 милиони заробени пари, одземени пасоши, обврска за јавување еднаш неделно во суд (колку е само тоа понижувачки момент на поклон пред судскиот шалтер) – од утре натаму ќе е реалноста на Мијалков и Камчев. Тоа СЛОБОДА НЕ Е.
Реалноста ќе се судски рочишта и страв од “вагони” (нови кривични и судски процеси) кои ќе се влечат најмалку една цела декада. Реалноста ќе е дружба со адвокати, вештаци, полицајци… Реалноста ќе е дека ќе се под перманентна полициска и АНБ присмотра без разлика кој ќе биде на власт.
Реалноста ќе е дека нема да можат да ги користат приватните авиони, ниту пак јахтите усидрени во Порто Карас, Сплит или Хвар. Ниту пак Шиптар ќе ужива во погледот од апартманот во Монте Карло (да потсетам, Сашо сеуште дужи вечера во Монако, по изгубената опклада со Бобан а во врска со неговата и судбината на Груевски. Во частовката со скапи вина, морска храна и лесни жени според договорот треба да бидам вклучен и јас).
И, реалноста ќе е дека ќе се изнаредат судии, обвинители и адвокати што ќе бараат пари за да завршат работа.
Крајно, реалноста ќе е дека се’ сепак ќе зависти од Крепоста на Кале.
Па така, славјето кај Сашо и Орце заврши, сега почнува реалноста. “Стручњаците” што излегувањето со одземен пасош, дадени 11,5 милиона и јавување во суд го сметаат за “слобода”, завршија со мудрување.
Почнува долгата и мачна реалност на ланецот за кој си врзан, кој наместо на еден колец со радиус на движење од 2 метри, е продолжен со 12 метри долга арматура по која се лизга (кој чувал куче, знае што значи ова).
11,5 милиони не платија слобода. Платија слобода на користење мобилен, домашен интернет, убаво купатило, Дормео перница, огромен телевизор и педикир/маникир што ќе ти доаѓаат дома.
А, слобода е сосема друго! Слобида е можност да ги минеш Табановце, Батровци, Брегана, Шентиљ…
Слобода е посета на Прадо, шпагети и вино во Тоскана, шопинг во Метцинген, аутострада во Италија, поглед во Биариц, океански овал во Каскаиш….
Така да, немојте да се радувате (пријателите), ниту да завидувате (непријателите), на оваа 11,5 милиони “слобода”.
Оти тоа СЛОБОДА НЕ Е.
Миленко Неделковски
05.01.22 Скопје