СДСМ, ДУИ…

МИРКА ВЕЛИНОВСКА – БРИЛЈАНТНО

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=54142041187&id=9&prilog=0&setIzdanie=23165

ДОКТРИНА „ВОЛФОВИЦ“ – САД ДА СЕ ЗАЦВРСТАТ КАКО СВЕТСКИ ГОСПОДАР ВО УСЛОВИ НА ЦАЈТНОТ
Веќе нема никаква дилема дека САД влегоа во војна со Русија. Џон Кери со серија недипломатски изјави објави дека за САД, Русија веќе не е партнeр, туку непријател што го загрозува лидерството на Западот во светот. Ова брзо го потврди и вториот човек на НАТО. Зад ваков речник јасно се чита пораката дека САД се противат на суверената руска државна политика, која може да биде заразна и го разградува поредокот што Америка шеесет години, преку огромен број регионални и локални војни и мрежа од бази, го градеше како мрежа од крајот на Втората светска војна, а особено по распадот на СССР.
Таа лидерска позиција денес се брани на секој дел од светот и со 800 воени бази. Со оглед дека Барак Обама на последното Генерално собрание на ООН јавно кажа дека САД се различни од другите држави, посебни демек, сега САД и јавно признаваат дека ним „природно им припаѓа правото да бидат светски господар“. Спротивно од реалноста. Што нам ни е добро познато преку „доктрината“ на СДСМ.
Бојно поле на оваа војна е Европа. Украина е само искреиран повод за да се почне со дејството што е запишано во доктрината на Пол Волфовиц за тоа како Америка да се зацврсти како светски господар пред Кина и Русија да станат премногу силни. Значи, во услови на цајтнот. Се разбира, во Вашингтон одамна се знаеше дека се работи за историска неминовност. Многу пред да се испровоцира кризата во Украина, САД, односно НАТО веќе беше решено да се забетонира воено во Европа ако и кога ќе затреба.
Во 1996 година во Софија се одржа јубилеен собир на Аспен и Карнеги-институтот божем за да се одбележи стогодишнината од објавувањето на студијата за Балканските војни. Но на тој собир темата не беше минатото на Балканот, ами планирањето на иднината на Источна Европа, односно на државите што религиски, културно, традициски и етнички му припаѓаат на славјанството како претпоставена „природна“ врска со Русија. Она што се најде на масите на учесниците како работен материјал беше благо речено загрижувачки. Претседателот Глигоров по тој форум остана шокиран од иднината што почнала да се крчка во вашингтонската кујна. Во тој документ, на пример, за Македонија беше предвиден и рамковниот договор како последица на „спонтано востание“, но и распад на МПЦ, што за малку не се оствари исто толку „спонтано“ преку ПОА и Вранишковски. Но веќе денес на софра е зготвената манџа и од неа се чини сите сркаат. Присуствуваме на еден нов феномен, кој го пресекува комуницирањето што меѓу Европа и Азија постоело откако постои човекот. Америка наумила да ја брани Европа и од поплави (според хуманистот Нано Ружин), ама и од нов продор на варварите, Готи и Визиготи, односно Руси. Државите од Истокот, славјанските, се избрани да одиграат улога на прва борбена линија во тековниот судир. Тие го прифатија тоа со ентузијазам, водени од емоции поврзани со минатото, што сосема извесно во исходот ќе го платат на ист начин како „романтичните“ Срби, кои се занесоа во улогата на бранители на христијанска Европа пред налетот на Османлиите. Мантрата ЕУ-НАТО е втисната во свеста како неопходност преку политичките, експертските и медиумските елити.

Меркел вади жешки костени од оган

При сето ова Америка сепак не само што не дејствува смирено и самоуверено, туку би се рекло игра крајно нервозно и агресивно. Немирот ѝ го произведува Германија. Оти само таа е реално моќна и капацитетна држава, која од 2008 година раководи со континентот преку ЕУ. Ама Германија, за беља, исто како Украина, е и пивот-држава. Како таква може да биде успешна и моќна, но може и тешко да настрада и да потоне, зависно од политиката што ја води. Германската канцеларка, која дозволи земјата несреќно да се вплетка во плановите на Вашингтон преку Украина (како нејзиниот турски колега Ердоган во сириското сценарио), сега е принудена да вади жешки костени од оган. Минатата недела беше повикана на итен работен состанок кај Барак Обама. Состанокот, кој траеше четири часа, цела Европа го следеше од минута во минута. Веќе не е тајна дека пријателските насмевки, испегланите изјави и наместените фотки не го одразуваат вистинскиот карактер на средбата. Со други зборови кажано, бил многу непријатен. Меркел требаше да се соочи со укор за непримерена мирољубивост кон непријателот, а Обама со германската неодлучност да спроведува ригорозни санкции и да ги дисциплинира колебливите членки на ЕУ. Куриозитет во работната средба беше демонстрацијата на фамозната политика на сила преку изборот стап или морков. Германската канцеларка се соочи со едно обвинување, една закана и една уцена. А како морков доби политичко време за себетраење како политичар.

1. Германија со години ги увежбувала руските специјални единици. Тоа ѝ било препуштено на компанијата „Реинметал“, која има свој симулациски центар во Мулин, југозападна Русија, кој бил отворен во 2011 година. Според Вашингтон, кој со години кризира преку своите разузнавачки мрежи, тоа била причината што Путин „шокантно брзо и ефикасно го извел блицкригот во Крим“. Демек, Германија е виновна за тоа што наивните Американци не можеле да ја предвидат оваа игра на својот најнов непријател. И државната руска компанија „Оборон сервис“ имала центар што е изграден по моделот на Бундесферот, кој, пак, бил најнапреден во светот.

2. Изјавата на Џон Мекејн со која Америка ја пречека својата уважена гостинка може да се смета за пророштво за текот на нејзината идна политичка судбина ако не се „опамети“. Мекејн оценил дека Меркел нема сила да раководи со држава кога дозволува крупните индустријалци да ја водат надворешната политика на Германија. Можеби САД треба да преговараат со нив.

3. На 21 април адвокатската канцеларија „Канцел, Рубин, Винстон, Диркс и Кук“ „самоиницијативно“ ѝ врачува на германската влада експертиза што никој не ја порачал, а во која на 12 страници детално се опишува што сѐ ќе ја снајде Германија, вклучително и членовите на истражната парламентарна комисија, доколку издаде виза за Едвард Сноуден, кој беше повикан од истражната комисија на Бундестагот во врска со шпионирањето на германските политичари и граѓани од страна на службите на САД.

Ситуација – угоре високо, удолу длабоко

Обама не е задоволен од млаката германска политика и недостигот од воинствен ентузијазам, кој го има во изобилство, на пример, кај полската политичка елита. Бара од Берлин да биде предводник во иницирањето жестоки политички и економски санкции кон Русија. Маката на Меркел е баш во тоа. Европа е на колена поради големата економска криза, која за малку не го удави еврото. Германија, за да остане европски лидер, мора да ја одржи својата извозно ориентирана економија силна. За да биде силна, пак, мора да соработува со Москва. Ако се согласи на „кубански“ економски санкции, ќе настрадаат германските компании што работат на рускиот пазар и како продавачи и како партнери во компании. Ако се заострат односите, сите тие компании ќе почнат да отпуштаат германски работници. „Сименс“, „Фолксваген“, „Адидас“, „БАСФ“, Дојче банк ѝ ѕвонат по десетпати на ден на канцеларката за да ѝ втиснат во главата оти на санкции кон Москва не смее ни да мисли. Што, се разбира, претставува комплицирана доктринарна недоумица од видот „дали воведување санкции на мојот пријател против неговиот непријател, кои ќе се почувствуваат тектонски на територијата на целата ЕУ, а пред сѐ во Германија, би можело да биде оправдано некако“. Згора, дури 89 проценти од германските граѓани не сакаат ни да чујат за затегнување на односите со Москва, а и политичките партии нараснуваат во силна опозиција на ваквите политики креирани од Вашингтон, кој се бори само за да го зацементира својот статус. Тоа кај нас се вика угоре високо, удолу длабоко – ситуација пред која е исправена секоја држава што се наоѓа на геостратегиска раскрсница во време на разместување на силите на моќ.

По посетата на Меркел на Вашингтон, Европејците продолжија да молчат, зашто дури сега ништо не им е јасно, а малку можат да разберат, што по ѓаволите договорија Обама и актуелниот и фактички европски лидер. Изјавата вели договориле уште пожестоки санкции, ама „само“ доколку Русија ја премине црвената линија и доколку за санкции се изјаснат сите 28 земји-членки на ЕУ. Со консензус. Што, пак, е речиси неможно да се обезбеди кога се во прашање економските интереси. Која, пак, е таа фамозна црвена линија, не е многу јасно оти Русија не игра по напишани од некого сценарија. За разлика од Вашингтон, официјална Москва не покажува ни паника, ни нервоза, а па ни страв. Не парира според очекувањата. На пример, додека се очекуваше состанокот во Вашингтон, во Санкт Петербург, бившиот германски канцелар Герхард Шредер реши да го прослави својот роденден (7 април) во друштво на Владимир Путин, првиот човек на „Газпром“, Алексеј Милер, и премиерот на Владата на покраината Мекленбург-Померанија. Тема на разговорот заедничка стратегија на скандинавските држави и Германија за иднината на „Северниот“ и „Јужниот тек“ како најизгледна опција по заобиколувањето на Украина како главен снабдувач на Европа со руски гас. А тукушто беше воведена европската директива за санкционирање или маргинализирање на „Јужниот тек“.

Во Македонија повторно се инсталира политичка криза

Сите вие настани бараат од европските државни водства крајна внимателност и воздржаност во водењето надворешна политика. Во овој момент на тактичко позиционирање, изведувано нервозно и под притисок, опасно е донесувањето избрзани одлуки, кои можат да бидат фатални. Подобро е да се издржи притисок отколку цела држава трајно да заврши како жртва од „пријателски“ оган.

На пример, Македонија, која декларирала позиција дека многу ѝ се брза да го затвори проблемот со Грција, за час поскоро да биде полноправен член на НАТО, може лесно да изгори на исфорсирани преговори со наметнати „рамковни“ решенија какви што прифати кога Клинтон ѝ ја тутна на потпишување Привремената спогодба, во која само еден член ги штитеше правата на Македонија. Тогаш бевме притиснати од атентатот на Киро Глигоров. Во 2001-та си сменивме устав под закана со фингирана војна. А сега, кога на НАТО му се брза да ја „затвори“ Русија, а во Македонија, овој пат преку СДСМ и ДУИ во резерва, повторно се инсталира политичка криза, нѐ тераат да преговараме за името. Така, лесно може да се случи победникот на овие парламентарни избори, ако лошо одигра, да заврши на дополнителните избори по шест месеци како фатален губитник, кој станал член на НАТО. Да не мисли некој дека сценариото за непризнавање на изборните резултати е смислено од креативниот тим на СДСМ или Заев?
Македонија не е Германија, ама за овој регион и таа е пивот-држава. Како таква, во матни времиња мора да избере политика што во основа е најблиску до неутрална. Политички кажано, западноцентристичка. Народски кажано, политика што „шара“ во согласност со своите интереси за опстанок. Оти секоја друга, историски се докажа повеќепати, ѝ се кршеше од глава.

Нивниот последен состанок траеше четири часа и поминал во напната атмосфера
Судбината на Европа

Планот на НАТО за кој пишуваше „Нова Македонија“ на крајот на 2013 година беше да се одржи долгорочна воена вежба на југот на Европа, во Шпанија, Португалија и во Италија со почеток во 2016 година и така да им се помогнело на јужните европски држави да ја надминат економската криза. Се разбира дека сега повеќе нема потреба од глумење хуманизам и социјална солидарност, оти НАТО си барало повод за да ја симне јагнешката маскирна кожа. Украина се најде тамам каде што не треба во вистинско време. Би се рекло, исплатлива американска инвестиција тешка 5 милијарди долари. Причината за овој епски судир не е ни демократија, ни слобода, ни човекови права, туку се разликите во визиите за иднината на светот. Ќе биде ли под доминација на една држава или ќе биде мултиполарен, ќе биде ли Европа евроатлантска или ќе стане и евроазиска. Ќе бидат ли државите суверени или управувани како поседи и вазали. Ќе преживее ли човештвото како збир од колективни идентитети или ќе се претвори во збир од индивидуи без културни, јазични, традициски обележја.
Се стега свилен гајтан околу Германија

Уште две сериозни обвинувања ѝ се упатени на Германија, со која раководи Ангела Меркел. Првото доаѓа од американскиот конгрес, односно Комитетот за надворешна политика, кој тврди дека германската компанија „Реинметал“ од 2011 година ги тренирала руските сили за специјални дејства во специјален центар за симулации (изграден по моделот на Бундесфер, кој важи за најнапреден во светот), кој се наоѓа во Мулин, град во југозападна Русија. Конгресот смета дека токму оваа обука е причина што разузнавачките служби на САД и овој пат кикснале и не можеле да го предвидат рускиот блицкриг на Крим.
Второто обвинување се однесува на Сирија. Во случајов се нишани директно во етичкото однесување на германската државна политика во војната, која фактички Западот ѝ ја објави на Сирија, а формално ја води сириската опозиција со платеници. Обвинувањето вели дека токму Германија ја снабдува платеничката „армија“ со оружје што го шверцува преку Украина. Над 45.000 „калашникови“ како германска „хуманитарна“ пратка се стигнати на сириските фронтови. Ова секако е тежок блам за Германија, која доста се труди да задржи активно-неутрална или барем некомпромитирачка позиција во сите настани на Блискиот и Средниот Исток, кои би ѝ нанеле непроценливи историски штети. Како што сега е случај со политиката на Франција или онаа на Турција поврзана со Сирија.
Полска ги тренирала украинските неонацисти

Полска доста се истакна во својата нарогушена политика кон Москва. Подлога за неа е историјатот на овие два соседи поради кој и иднината е сосема замаглена. Ама она во што е вплеткана околу Украина речиси сигурно ќе ѝ се скрши од глава. На што упатува и предупредувањето на Кисинџер за фаталноста на љубовта кон Вашингтон, а го има нотирано во својот времеплов низ 21 век и Џорџ Фридман од Стратфор-институтот за стратегии како предвидување на крахот на двете регионални сили инсталирани и помагани од САД, а тоа се Полска (како алтернатива за Германија) и Турција (како алтернатива за Иран).
Додека да се случи тоа, се пишува новата полска историја. Во неа ќе има свое место информацијата што ја објави украинскиот неделник „Не“ дека спонтаните мајдански протести биле подготвувани два месеци пред да се случат. Во септември 2013 година полскиот министер за надворешни работи Радослау Сикорски поканил 86 члена на нацистичките партии божем како студентска размена на Универзитетот за технолошки науки во Варшава. Но студентите биле со старост и до 40 години, а сите заедно завршиле во тренинг-центарот Легионово, на еден час оддалечен од Варшава. По обуката полските инструктори и нивните „студенти“ во нацистички униформи се сликале за спомен и вечно сеќавање.

Автор: Мирка Велиновска