Ристо НИКОВСКИ

КОЅИЈАС – ДОГОВОР МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ИМА. СЕ ВИКА “ПРИВРЕМЕНА СПОГОДБА“

 

Соодветно на ситуацијата, грчките изјави се топло – ладни. За да нема дилеми, Коѕијас два пати ни порача дека проблемот со името има четири сегменти – името и неговата употреба, идентитетот, јазикот и меѓународните кратенки (кои, впрочем, автоматски ќе мора да се прилагодат ако дојде до промена на името на државата). По првата изјава, тој се обиде да го промени неспорниот впечаток и рече дека никогаш не го доведувал во прашање идентитетот на народот, што нема врска со вистината иако настојува да се затскрие зад изразите кои ги користи. Неговата најнова изјава, пак, од 4 декември 2017, дадена во интервју за “Етнос“, заслужува посебно внимание. Прво, тој се залага да се постигне “праведен а не гнил компромис“, што поддржувачите на власта (како “Слободен печат“) го извлекоа во наслов. Пораката до читателите е – Грција мисли на нас и бара праведно решение а не гнило. Затоа, не треба да се плашиме од решението кое (ќе) следи. Ако некој, меѓутоа, го чита текстот, ќе види дека таквиот компромис Коѕијас го очекува од нас, а не од двете страни. А за нив, “праведно“ решение е само откажувањето на Македонците од самите себе и нивно бришење како народ. За Атина, се’ друго е гнило.

Но, тој не застанува тука. Дали изигрува лудило или само се прави недоветен, самиот знае. Рекол – “нашите соседи веруваа дека можат да стигнат до интеграција во институциите без договор со нас – нешто што е невозможно“. Нашиве, создавајќи позитивна клима, голтаат се’, не се моментално тука, а некој мораше да му одговори дека ДОГОВОР МЕЃУ ДВЕТЕ ЗЕМЈИ ИМА и тоа од не така далечната 1995 година. Се вика – “Привремена спогодба“, која е депонирана во ООН. Таа е направена со текст подготвен во Вашингтон и во американска режија. По пат, треба да се потсети и дека Атина е осудена од Меѓународниот суд за правда, од Хаг, за не спроведување на истата оваа спогодба, токму околу нашите интеграции. Што сака, всушност, Атина? Каков нов договор, кој пак нема да го почитува?

Факт е дека на Данајците (Грците) не смее да им се верува дури и кога ти носат подароци. Арно ама, оваа безобразна манипулација и тешка и навредлива измама навистина ги преминува сите граници. Премногу дури и од една Грција.

На премиерот Ципрас му е секако потешко. Пред да дојде на власт, тој јавно покажуваше разбирање за нашите аспирации и не се согласуваше со грчките империјалистички политики кон Македонија. Меѓутоа, како премиер, мора да води сметка за мнозинството во земјата, кое одлучува кој ќе владее. Деновиве (8 декември 2017) тој е во Белград на средба со претседателот на Србија и премиерите на Бугарија и Романија. Во последно време се повторуваат вакви и слични средби меѓу нашите соседи, без Македонија, што индицира нови поделби и прегрупирања во регионот, кои се апсолутно непотребни и контрапродуктивни. Можеме со висока доза на сигурност дури да тврдиме дека дел од претходните вакви средби беа свикани токму заради разврските кои претстојат околу Македонија. Изјавата на Ципрас, пак, по средбата во Белград, директно потврдува дека таму станало збор и за нашата земја. Ципрас рекол – договор е можен ако “престанеме со изјави дека сме единствени потомци на Александар Велики и со иредентистички тврдења“. Со други зборови ако целосно капитулираме. Симбол на нашиот “иредентизам“ е постоењето на македонскиот народ. Тоа мора секому да му биде јасно.

Очигледно е дека се стега обрачот околу Македонија и тоа со наша согласност дури и иницијатива. Капитулантскиот договор со Бугарија, покажа дека нашата нова власт веќе нема скрупули и дека не чула за нешто што се нарекува национален интерес. Се чини дека се тие глобалисти и интернационалисти и, како такви, не ги интересираат ситници како сопствениот народ. Двете претходни ориентации се толку важни што се’ друго е небитно. Иако јавно не се изјаснуваат, тие се веројатно спремни да одат во Ирак, Авганистан, Сирија… а сега и во Ерусалим, да ги решаваат тамошните проблеми бидејќи така налагаат американските интереси. А за Балканот, кој и така одамна е буре со барут, нека му ја мислат другите.

Изјавите кои претставниците на власта ги даваат околу грчкиот проблем со нашето име главно се наивни, не фундирани, волунтаристички та дури и смешни. Како да се од друг континент да не речеме планета. Факт е дека од време, на време, ќе се сепнат и ќе кажат нешто издржано, ама тоа се губи во морето нелогичности. И тие спомнуваат дека идентитетот не е во прашање, што е чисто замајување. Крајно е неприфатливо што јавно ја критикуваат поранешната гарнитура за политиката околу името. Без оглед дали квалификациите се точни или не, тоа е непристојно и срамно плукање во сопственото лице, што зборува за нивниот аматеризам и комплекси.

Просто е неверојатно дека МНР, Димитров, зборува за “преговори“ со Грција и “преговарачи“ а се работи за класична медијација. Се спомнуваат и “разликите“ со Грција а во резолуцијата 817/93, од каде извираат сите наши последователни голготи, пишува за “разлика“. Двата израза се блиски колку и Водно и Монт Еверест. Тој и премиерот гледаат и добра волја во Атина што звучи крајно аматерски. Треба да им е јасно дека Грција ќе направи се’ да не дојде до решение, дури да е и ерга омнес во прашање. Ако тоа го стори, која и да е нивна влада веднаш ќе падне. Токму затоа, во периодов кој претстои, тие ќе поставуваат се по ригидни и по ригидни барања со цел да добијат максимални отстапки од нас, без ништо да рескираат. Ако, сепак, не дојде до решение, тие ем нас ќе не обвинат за неуспехот, ем овие придобивки ќе им бидат капитал за во иднина. Тие се сега за прв пат под жесток американски притисок и затоа мораат да тактизираат и тоа умешно го прават. За разлика од нашиве.

Добро е што новата гарнитура го актуализира решението на проблемот  со името. Голема грешка беше што долго време истиот се држеше под килим. Цената за тоа ја плаќаме токму сега. Меѓутоа, генерално во политиката и нагласено во дипломатијата, не е дозволено залетување (на пример околу учебниците) бидејќи секоја неумереност скапо се плаќа. Силен е впечатокот дека такво нешто ни се случува во моментов. Неспорно е дека САД се по секоја цена спремни да го решат името заради нашиот прием во НАТО ама тоа за опитни политичари е одличен повод нешто да се ќари. Да се дојде до подобро решение отколку што би било реално во нормални прилики. Напротив, нашиве политичари, изигрувајќи добра волја, покажуваат само спремност за капитулација. Така барем изгледа, камо среќа да не е така. За некои од нив, кои уште пред повеќе години ќе не внесуваа во НАТО за шест месеци, изгледа дека е тоа поважно од се’ друго. Чести се изјавите дека без НАТО и ЕУ Македонија ќе се распадне што нема блага врска со вистината. Други (Нано Ружин, на пример) ја потценуваат сопствената земја и шират дефетизам. А некој си Руди Лазаревски, во “Слободен печат“, “патриотски“ повикува – “Ние мораме да го смениме уставното име ако сакаме идните генерации да добијат шанса… да одат на Марс“. Тој веројатни од таму паднал та сака да се врати ама зошто не меша сите нас? Нека си оди сам.

Должност е на секоја власт да ги решава проблемите. Меѓутоа, секогаш има и граници кои не смеат да се преминат. Нема во светот проблем кој не може да се реши за ден, недела или месец. Меѓутоа, се’ се сведува на прашањето – кој и какви концесии или отстапки ќе даде. Ништо друго. На таа основа, сите проблеми се идентични.

Во нашиов случај, името на државата е само симболот зад кој се крие националниот идентитет на македонскиот народ. Тој е во прашање, ништо друго. Околу тоа веќе никој не смее да има сомнежи бидејќи отворено е на маса. Најмалку политичарите. За Атина и Софија ние со векови не постоиме како народ. По распадот на Југославија, и за Вашингтон, Брисел…

Тоа е нашата реалност ама и предизвик. Никој политичар нема право на грешка околу ова фундаментално прашање кое се сведува на да се биде или не.

 

П. С. Да спомнеме уште една наша понижувачка и срамна реакција. МНР, Димитров, на министерка од Косово и рекол дека – “Одлуката на косовската влада да им додели по 10.000 евра на семејствата на осудените за ’Диво насеље’, не е во духот на градење европска иднина за регионот заснована на владеењето на правото, што е заеднички интерес на двете земји“! Просто неверојатно. Косово отворено го поддржува тероризмот на нивни граѓани во Македонија и се меша во нашите внатрешни работи земајќи си право да ги игнорира нашите судови а ние зборуваме за некаков дух. Навистина духовито. Не само што го виткаме ’рбетот пред Вашингтон и Брисел, почнавме и пред Приштина.

Еееееј, до кај стигнавме. Кај ли ќе ни биде крајот?

 

Ристо Никовски

Декември, 2017