Д-р Тони Науновски
МАКЕДОНСКИОТ ПОРАЗ И ПОПИСОТ
Процесот на разнебитување на Македонија и Македонскиот народ е незапирлив;
интензивната албанизација на институциите на државниот систем и веќе отворениот
процес на бугаризација на општеството, кои процеси се отворени во 2001 година со
т.н. орхидски рамковен доовор и со т.н. договор со Бугарија повеќе не можат да бидат
спречени, па дури ниту барем успорени, како некаква имагинарна надеж за подобри
времиња во кои ќе се врати денес веќе загубената држава на Македонскиот народ.
Тие процеси се резултат на кумулирани големи, историски грешки на македонските
политички и економски елити, индиректно поддржани од исклучително негативниот
македонски колективен менталитет.
Пописот е уште еден, мошне важен стадиум на тој процес на тотално анихилирање на
Македонскот народ. Се чини, до тој степен што после тоа, веќе воопшто и нема да
биде дури ниту можна посериозна, организирана демократска борба против
финалната цел на погубниот, денес веќе толку видлив план на сите оние кои одамна
сфатија дека Македонскиот народ, просто кажано, веројатно нема онтолошки
капацитет за своја независна, суверена држава.
Дури и бесмислено е да се објаснуваат намерно отворените за интерпретација
членови во предложениот закон за попис, тендециозните практични можности во
негови рамки да се реализира намерата да се зголеми вештачки процентот на
албанското и другите малцинства, односно да се намали процентот на Македонскиот
народ. Посебно е опасен изразот „вкупно попишано население“, во која бројка, се
разбира, ќе биде вметната и онаа за нерезидентно население односно државјани, и
врз основа на која бројка-процент, дополнително ќе се реализира планираното
зголемување на вработени припадници на албанското и другите малцинства во сите
државни и јавни институции, претпријатија, агенции, па и приватни фирми, кое ќе
биде субвенционирано од државниот буџет. Просто кажано, уште повеќе ќе се намали
бројката на Македонскиот народ во полиција, војска, судство и сите можни јавни и
државни институции, намера која скандалозно е дури и отворено јавно изразена од
бројни политичари на албанското малцинство. Тие одамна ова јавно и гласно го
кажуваат, врз основа на реториката со строга поделба на македонска и албанска етничка заедница (која реторика е фашизоидна и навреда за Македонскиот народ, кој
не е, барем во историска смисла, етничка заедница овде, туку државотворен народ со
историски континуитет на државност на територијата на Македонија). Дополнително,
апсурдно е и да се објаснува колку таа нивна реторика и практика е спротивна на современите демократски општества, државни системи, европски вредности на граѓанско општество итн. И овој аспект, како и мноу други, се тотално спротивни на било која позната историска практика (освен во фашизоидните режими и тоталитарни
системи) на планетата земја, па затоа, меѓу другото, ние и во овој сегмент ќе бидеме изучувани како уникатни примери за самоконтрадикторни процеси на сопствен „развиток“ кон колективно самоуништување, и во национална и во државна смисла.
Тоа дополнително засилување на позициите на и онака огромната институционална моќ на дуи и другите политички партии на албанското малцинство во системот, апсолутно ќе ја блокира, оневозможи, преку институционални механизми и со моќта
на законите и системот на државата, буквално секоја посериозна критика или
делување во правец на промена на таквиот антимакедонски државен режим. Тоа, додуше, уште одамна се случува, но сега ќе добие застрашувачки пропорции, до ниво на брутално државно гушење на демократската слобода на говор и јавен израз, а
камоли некакво делување преку институционална или политичка форма односно начин.
Од друга страна, нема никакво сомневање дека процесот на бугаризација, посебно на источна и централна Македонија, ќе се интензивира после потпишувањето на анекс, протокол за спроведување на веќе потпишаниот договор за добрососедство, акциски план, или како и веќе да се нарече исполнувањето на практично сите барања на бугарската државна власт, за кои таму постои долгогодишен, сан-стефански консензус меѓу релевантните општествени и политички фактори. Навестените барања за заштита на „нивното“ национално малинство кај нас – а тоа се всушност
оние, според некои податоци дури 70 000 Македонци кои имаат бугарски пасош и кои потпишале дека се чувствуваат според национална припадност на нивните претци како Бугари, инаку одамна сосема смислен план на Бугарија. Фактот дека најголемиот дел од нив тоа го сториле заради економски, бизнис причини, нема никакво значење
дури ниту како персонална утеха, бељата која тие ја сторија врз Македонските позиции, со ништо не ги оправдува. Прашање на време е кога Бугарија ќе побара, освен отворање на бугарски универзитети кое е веќе експлицитно поставено, и основно и средно образование на мајчин јазик, медиуми на бугарски јазик, итн.
Во овој контекст, тоталното превртување на вмро-дпмне во својата спротивност,
процес кој започна со новиот им, т.н. лидер, оној што редеше манчмалоу на шпагети а пред неколку дена на тв сител и мозаик – детски сликички со ликот на Заев (!), и идеолошката конфузија во која се наоѓаат, несериозните политички активности и одамна прочитаниот од страна на Македонскиот народ класичен опортунизам за власт, директното и индиректно соучество во донесувањето на погубните преспански и бугарски договори, како и најавената (а во некои градови, на ниво на локална самоуправа како Гостивар на пример, и одамна воспоставена) коалиција со партиите
на Зијадин Села и Африм Гаши, чии ставови се дури и порадикални од оние на дуи, нив целосно ги де-факторизира во некаква смисла на можен столб на отпор кон наведените процеси на уништување на Македонскиот народ и држава, дури и во оваа веќе сама по себе македонски уништувачка форма на држава (устав, закони, практики). Неспособноста на нивното раководство, во комбинација со толку очигледна гола желба само да се дојде на власт, доведе до тоа нив повеќе народот да не ги идентификува со ВМРО, како историски чувар на македонското битие, вечен
заштитник на националната кауза, амалгам на колективните македонски политички соништа за своја држава, супстрат на македонскиот национален дух итн. Дури, во нивниот очај од изборните порази и гола желба за власт по секоја цена, а ла Латас „Псе јо“ премиер албанец – ако се сеќавате на вџашувачката колумна на Драган
Павловиќ Латас кога бараше вмро дпмне да им даде премиер албанец на дуи само за тие да направат коалиција со нив а не со Сдсм, преку толку простачки финти со
формирање на некаков си патриотски институт, што е contradictio in adjecto бидејќи мицковистичкото дпмне само по себе нема и не ни може да има патриотски наноси внатре себе, со цел да се изманипулираат вистинските патриоти Македонци па да гласаат за нив, предизвикува само смеење во овие мачни времиња, ништо друго.
Впрочем, самата идеја за формирање на некаков патриотски институт е имплицитно признание дека тоа само по себе суштински не е патриотско, што народот одамна го знае.
Згора на сето тоа, изгледа дека сите иницијативи за смена на ова раководство на вмро дпмне (т.н. мериот коалиција, градоначалникот на Кавадарци, група на
поранешни локални функционери кои имаа отворено писмо кое го објави само
порталот Либертас, потоа онаа иницијатива која брзо исчезна за „еден член еден глас“ или така некако) веќе немаат никакви реални шанси преку конгрес и слични партиско-статутарни начини да го сменат Мицковски и неговите. Оттаму, јасно е дека
ова раководство, за жал и како уште една несреќа за Македонскиот народ ќе остане, а сите кои се против нив нема да гласаат за вакво и ова дпмне, што значи, конечно, Сдсм ќе победува уште долго, се додека не дојде ново, патриотско раководство, ако дотогаш воопшто и постои овде некаква форма на суверено државно уредување.
Големи излезни решенија, чаре, денес повеќе, според мое длабоко убедување, за жал, објективно, нема. Предлабоки и пресилни се двата процеси (на албанизација и бугаризација), што нема, барем денес, некакви реални фактори кои би создале нова ситуација, би поставиле нова парадигма за спас на Македонскиот народ. Колку и
болно, песимистички да звучи, дури и неприродно во смисла на инхерентниот човеков нагон за опстанок, барем јас, не можам да видам големо чаре-чудотворни процеси и феномени во човечкото општество нема. Сите претпоставени, макар и парцијални
идеално-типски решенија кои би значеле промена на траорното, мачно, погубно паѓање на Македонскиот народ во амбисот на refugees или емигранти (поутешно звучи), алтернативно како слуги и обесправено малцинство, ми се чинат практично невозможни за реализација. На пример, конкретно за пописот, неопходна е силна, масивна кампања за пријавување на сите Македонци по род за тие да бидат впишани во вкупната бојка на население, она што веројатно ќе го направат албанското но и
други малцинства. Мојата идеја, фундирана на прецизна и плаузибилна правна интерпретација на законот за попис кој и покрај вообичаеното детско кревање на врева на оние пратениците од вмро дпмне сосема сигурно ќе биде изгласан во оваа форма, предвидува организирана масовна мобилизација на секој Македонец по род, каде и да е во светот, со цел доставување на некаков, било каков документ со единствен матичен број, преку кои ќе бидат запишани во фамозната бројка-израз
„вкупно попишано население“, односно, да се стори истото кое според релевантни индиции и претпоставени намери, ќе го сторат припадниците на албанското малцинство. Навидум ова е едноставен предлог, меѓутоа, во контекст на можните случувања на терен во Април, реално би била мошне комплицирана операција, која може да биде дел од пошироката спасоносна нова парадигма за егзистенционален,
колективен опстанок на Македонскиот народ. Сеуште не е доцна за ваков проект, но не верувам дека ќе се случи, среде нашата злоба, неединство, малодушност. Инаку, обична будалаштина е повикувањето на некаков бојкот на пописот, затоа што, меѓу другото, сигурно резултатите од пописот ќе бидат институционално прифатени, какви и да се, дури и ако бројката на Македонци со инженеринг и бојкот се редуцира на само 40 проценти. А, наместо 40 проценти, треба да бидеме 90 проценти, бидејќи бројот на иселени Македонци од сите генерации, повеќе од еден век, всушност според некои пресметки ќе доведе до таа впрочем реална бројка, по што ќе се проблематизираат и блокираат многу негативни процеси против Македонскиот народ.
18.01.21
Скопје