Од колега до колега, во времето на ТВСкопје. Сега веќе не сме колеги.
Од Миленко до Коко. Но, на увид на народот.
29.07.2015 10.00 ч
ПРОВЕРКА НА “ФАКТИТЕ“ НА КОКО
Под колумната на Зоран Бојаровски, во понатамошниот текст скратено Коко, стои: “Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД“.
Зад колумната, еве да кажеме не и зад ставовите, стои Владата во Вашингтон (значи Барак Обама), УСАИД (исто Обама) и Метаморфозис, односно Џорџ Сорос и Владе Милчин. Тука е јасна независноста и објективноста на колумната на Коко.
Како контрапункт на ова што стои зад Коко, зад овој текст што го читате, зад овој автор и зад Дудинка НЕ СТОИ НИКОЈ. Оппп пардоннн, стои МАКЕДОНСКИОТ НАРОД што ме среќава по улици и ми дава поддршка во борбата против странските колонизатори и поробувачи. Вклучително и овие “овозможувачи“ на колумната на Коко.
На кратко, во колумната на Коко која е посветена на пазарењата околу МРТВ, а која на крајот од овој текст ви ја пренесувам во целост, Коко поставува неколку тези, дури би рекол и правила:
– “Јавниот радиодифузен сервис и според Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни услуги е телевизија на сите, на секој граѓанин на оваа земја. Македонската радиотелевизија со своите програми им се обраќа на сите граѓани без разлика на нивната етничка или политичка припадност, без разлика на нивната возраст, на образованието или на социјалниот статус. На сите граѓани“!!!
Прашање: Ако е ова вака како што тврди Коко (а така е), тогаш што побогу тука бараат Обама и Сорос?
– “партиите треба да ги држат рацете подалеку од МРТВ“.
Прашање: Ако е ова вака како што тврди Коко (а така е), зошто ништо никогаш не напиша ниту реагираше тој, или Миличин, или УСАИД, или Владата на САД, или Сорос, кога Сашо Орданоснки како кадар на Киро Глигоров (книшката со број 1) и на Бранко Црвенковски, значи како кадар на СДСМ со средно образование беше устоличен на местото Директор на МТВ? Дали тоа што му е Сашо најблизок пријател влијае врз “партиите подалеку рацете од М(Р)ТВ? Дали се сите исто третирани од Коко, или се некои по исти од другите?
– “Да говорат за заштитата на човековата средина“…
Прашање: Ако е вака како што тврди Коко (а така е), тогаш како неговиот текст кореспондира со УСАИД и САД амбасадата кои трчаат низ Македонија и на земјоделците им нудат данајски подароци во вид на пумпи за вода, црева, приклучоци со кои ги обврзуваат да користат ГМО семиња за житарици, наместо природен јачмен, јонџа или овес? Нели е двоен морал да посакуваш заштита на човекова средина, значи и на човекот, за да го тераш да сади и јаде ГМО. Односно Г(о)М(н)О од храна?
– “Затоа господа: Подалеку партиските раце од телевизијата на народот“.
Сега нема прашање, има кавга: Коко, срамота е човек како тебе што не се прибра дома марширајки по сите партиски и веле-партиски митинзи, форуми, пленуми… Човек кој е финасиран од про-СДСМ невладини организации, чии колумни се платени од “странскиот фактор“ да повикува било што во име на народот. И да дава ум, иако тезите ти се 100% исправни, околу партизираноста. Партиската активност го кородира твојот долгогодишен новинарски живот. Замисли само, зад некој текст на XY колега да стои дека е финансиран, “иако не се нивни ставови“, од Владата на Руската Федерација и некој руски НГО? И Гаспром, на пример?
Како и на што би личело, и како би било оценето од разните “проверувачи на факти“, метаморфози и слични организации финасирани од странски матни пари со јасни цели, доколку тој ист XY колега маршира рамо до рамо со Марјан Цветковски или Диме Ратајковски?
Затоа Коко, те молам, де остави го народот на раат. Народот си гласа и знае за кого да гласа. Ти гледај си ги “овозможувачите“ на колумните твои. Народот е на спротивната страна.
——————————————————————————————————————————————————————
ТЕКСТОТ НА КОКО:
Подалеку партиските раце од телевизијата на народот
Зоран Бојаровски
Јавниот радиодифузен сервис и според Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни услуги е телевизија на сите, на секој граѓанин на оваа земја. Македонската радиотелевизија со своите програми им се обраќа на сите граѓани без разлика на нивната етничка или политичка припадност, без разлика на нивната возраст, на образованието или на социјалниот статус. На сите граѓани!!!
За разлика од комерцијалните телевизии или радија, кои своите програми можат да ги креираат врз основа на интересот на еден дел од публиката, јавните редиотелевизиски претпријатија својата програма ја прилагодуваат на целокупната јавност, на јавноста на која ѝ припаѓаат и која ја финансира.
Затоа, партиите треба да ги држат рацете подалеку од МРТВ.
Јавните радија и телевизии денеска во Европа се повеќе од потребни. Особено во земјите со проблематична демократија. Проблематични демократии се и оние што немаат доволно капацитет и мотив да прифатат дека неутралните, независни јавни радиодифузни претпријатија се сервиси на граѓаните, а не на политичките партии, како што е тоа во Република Македонија. Автономните, независни уредувачки политики на јавните радија и телевизии имаат моќ да бидат контролни механизми, да укажуваат на грешките што треба да се поправат. Имаат слобода, но и одговорност да работат објективно, коректно и непристрасно.
Јавните редиотелевизиски сервиси не се само атрактивни фудбалски натпревари, скапи ТВ-серии и документарни програми… Тие се многу повеќе продуценти на информативни, детски, образовни, научни и документарни програми од сопствена продукција за кои е сосема јасно дека нема да носат заработка, туку ќе го исполнуваат јавниот интерес.
Граѓаните ги финансираат јавните радија и телевизии за да емитуваат избалансирани информативно-политички програми, да организираат дебати за клучни, стратегиски прашања за државата, општеството и граѓаните, да снимаат драмски серии и филмови, да ги афирмираат културните и сите други различности како предност, како дар на оваа земја, а не како хендикеп. Да говорат за заштитата на човековата средина…
Граѓаните за тоа ја финансираат МРТВ, а не таа да стане маша на политичките партии. Оттаму произлегуваат четири услови кои мора да се почитуваат кога станува збор за финансирањето на јавните радиодифузни претпријатија. Нивната важност и значење ги утврди Европската унија со протоколот од Амстердам во 1997 година:
– Стабилност. Потребен е јасен, стабилен систем, за финансирање на јавните радиодифузери. Тој треба да го гарантира спроведувањето на утврдените програмски политики, континуитетот и сигурноста на буџетот на претпријатието. Финансиите треба да бидат определени за одредени фиксни периоди, кои треба да ги имаат предвид евентуалните финансиски несигурности.
– Независност. Рамката за финансирање на МРТВ мора да биде отпорна на било какви економски или политички притисоци.
– Пропорционалност. Средствата за финансирање на јавните радија и телевизии мора да биде соодветна на програмските планови, како и на потребите кои произлегуваат од платите и од потребите за техничко функционирање и усовршување на претпријатието. Но, не повеќе од она што е потребно. Со други зборови – пропорционално.
– Транспарентност. Исполнувањето на обврските за финансирање и трошење на буџетот мора да биде предмет на континуиран мониторинг на надзорните тела и на застапниците на јавниот интерес. Во случајот на МРТВ – Советот на МРТВ и Собранието и соодветните комисии. Како и сите други здруженија на граѓани кои ги застапуваат интересите на граѓаните за кои треба да се грижи МРТВ.
Заради сето ова, крајно апсурдна и бесмислена е идејата дека МРТВ, односно нејзините ТВ-канали, треба да си ги поделат позицијата и опозицијата. Тоа е глупост која е во спротивност со сите принципи за радиодифузните сервиси што ги застапува ЕУ, како и УНЕСКО.
Таквата идеја, доколку е точно дека е на масата за имплементација на принципите од договорот од 2 јуни во Пржино, е само чекор повеќе кон поделбата на македонското општество по партиска и етничка линија и на таа иницијатива треба да ѝ се стави крај веднаш.
Замислете само: Еден канал на позицијата со новинари и уредници што ги застапуваат политиките на власта, еден канал на опозицијата со новинари и уредници во други партиски дресови, трет канал со програми на етничките заедници… Хорор и Франкенштајн од јавен радиодифузен сервис кој нема врска од јавен интерес.
Затоа господа: Подалеку партиските раце од телевизијата на народот.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).