Балкански решенија камуфлирани со европска обланда
Компилација на закон – имитација на реформски акт
проф. д-р Тања Каракамишева (клучни поенти)
1. Предлогот на законот е обична компилација на одредби од важечкиот закон за јавното обвинителство, на вметнати препораки што Венецијанската комисија ги дала за законот од 2007 година, плус политички опортуни одредби за вдомување на кадрите и надлежностите од неуставното СЈО. Одредбите за вдомување на кадрите и надлежноста на СЈО се клучната причина зошто се брза со донесувањето на овој закон. Власта е свесна дека се направи упад во уставниот поредок прво со изгласувањето на неуставното СЈО во 2015 година, а сега и со незаконското преземање на кадрите и надлежноста на СЈО од страна на државниот јавен обвиниител во редовното обвинителство поради што брза таквиот упад и дивоградба да ја легализира. Компилацијата од предлогот на закон е имитација на реформски акт.
2. Во предлогот на законот не се земени предвид сите препораки од Европската мрежа на судството и на јавното обвинителство, како и препораките од Комитетот на министри при СоЕ за независноста, одговорноста и етиката на обвинителите.
3.Предлогот на законот е спротивен на ПЕТ ЧЛЕНА од Уставот и тоа на член 8, став 1, алинеја 1, 3 и 11, на член 9, на амандман 21 на член 15, на член 51, на амандман 30 на член 106 од Уставот.
4. Со предлогот на законот се легализира очигледна дискриминација во статусот на јавните обвинители. Јавните обвинители од ОЈО за организиран криминал и корупција со предлогот на законот уживаат повластена позиција во однос на другите јавни обвинители. Нив никој не може да ги прераспредели или времено да ги упати на работа во друго јавно обвинителство. Дискриминацијата е очигледна и во однос на додатоците на плати кои согласно закон ќе можат и натаму да бидат доделувани, по примерот на СЈО, на оваа група обвинители.
5.Предлог законот го крши уставното начело на двостепенот во заштитата на правата на јавните обвинители.
6. По начинот како е поставено ОЈО за организиран криминал во законот и дискреционото право на јавниот обвинител на ова обвинителство да одлучува дали ќе предаде одреден предмет на државниот обвинител или не, се нарушува уставното начело на единственост на јавното обвинителство поставено врз принципите на хиерархија и субординација. Принципот на хиерархија не дозволува понизок јавен обвинител да одлучува дали ќе му даде предмет на повисок јавен обвинител, како што е дадена можност во предлогот на законот, туку обратно. Во предлогот на законот се повредени хиерархијата во обвинителството и правото на авокација согласно кое повисокиот јавен обвинител може да преземе вршење на одделни работи за кои е надлежен понискиот јавен обвинител.
7. Предлогот на законот е спротивен на неколку одредби од Законот за кривичната постапка и од Кривичниот законик.
8. Во предлогот на законот испуштени се одредби од процедурален карактер во делот на изборот на обвинителите. Никаде не е наведено со какво мнозинство се избираат јавните обвинители кои раководат со вишите јавни обвинителства и јавниот обвинител на ОЈО за организиран криминал и корупција, но затоа стриктно е наведено мнозинството за разрешувањето на јавниот обвинител на ОЈО за организиран криминал и корупција. Во предлогот е наведено потребното 2/3 мнозинство од вкупниот број членови на Советот на јавните обвинители кои треба да гласаат „за“ за разрешување на јавниот обвинител на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
9. Во законот се предлага суспендирање на јавен обвинител во случај на поведена дисциплинска постапка. Ова не е во согласност со законот за кривичната постапка кој ја употребува формулацијата „оддалечување од работното место“, ниту со Уставот на Македонија. Не е прецизирано за кои дисциплински повреди може да се суспендира јавен обвинител со што раѓа сомнеж дека со ова решение власта ќе има одврзани раце да се одмаздува на обвинителите кои не им се по волја.
10. Во предлогот на закон има повеќе контрадикторни одредби. На пример, во член 24, став 2 се вели дека Советот на јавните обвинители ЌЕ ГО РАСПОРЕДИ ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ОД УКИНАТОТО ИЛИ РЕОРГАНИЗИРАНОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, а во став 3 стои дека тоа го прави Државниот јавен обвинител, мислејќи на обвинителите од СЈО. Овој член понатаму е контрадикторен со преодните и завршните одредби од предлогот на законот, посебно со член 109 каде вели дека Советот на јавните обвинители по предлог на јавниот обвинител на ОЈО за организиран криминал и корупција ќе донесе одлука за зголемувањето на бројот на јавните обвинители и во рок од 15 дена Советот ќе распише оглас за избор на јавни обвинители во ОЈО за организиран криминал и корупција.
Тања
28.01.20 во Скопје