Најстрашно за медиумските слободи е тоа што имаме „сончогледска фаза”. Тоа покажува зошто и колку ни е неслободно новинарството.
Имено, сите медиуми во развиените демократии си имаат уредувачка политика и се идеолошки определени кон една од страните (лево или десно), тоа е богатството на демократијата. Па така, на запад, може да видиме медиуми кои дури и повеќе од 100 години идеолошки си ја држат истата позиција и се про-Демократски или про-Републикански, односно про-Социјалдемократски или про-Конзервативни. The Guardian и The Telegraph се најочигледен пример за тоа кај весниците, а CNN и Fox News кај телевизиите.
Е сега, најкредибилни медиуми во развиените демократии се оние кои долг период си ја следат истата уредувачка политика и кои си ги застапуваат истите идели.
Оние кои менуваат страна, најчесто настрадуваат и им се намалува публиката а некои и трајно исчезнуваат. Жално е што кај нас на медиумите уредувачките политики им траат до следната промена на власта. Со тоа, тие медиуми си ја понижуваат сопствената публика, поради која јадат леб.
Да пријатели, кога еден гледач гледа Сител, Канал 5, Алфа или Нова – сака да види критика на левицата, исто како што кога гледа Телма, 24 Вести, Алсат или ТВ 21 – сака да види критика на десницата. Тоа е природно, публиката не е проста како што вие гледате. Исто е и со весниците, кога читате Вечер, тоа е десен а кога читате Слободен Печат тоа е лев медиум.
Ваква мутава ситуација имаме поради една причина – затоа што најпристрасните си имаат во глава ставено дека се најобјективни. Тоа е поради суетата која ги има завладеано “големите уредници и медиумски менааџери“, ако се знае дека во човечката природа, пристрасноста е многу значајна особина.
Да, како што вели Грамши, „Човек сум, значи сум пристрасен!“. И навистина, повеќе ги почитувам колегите од пролевите медиуми кои со години си ја застапуваат истата уредувачка политика од оние кои менуваат определба како чорапи.
Исто, тука некој сака да наметне дека вистинските медиуми требало да бидат цело време опозиција – тоа е глупаво, затоа што и тие се пристрасни, па и тие се луѓе а не роботи кои работат по софтвер. Медиумите треба да си имаат идеолошки постулати и да ги следат нив, ништо повеќе од тоа.
Previous Post: Чекајќи го Donald Trump…..
Next Post: НАПРЕД ВАРДАР