По повод лупетањата на Зиков&Изродите:
Баба ми Костадинка, убавица, тетовчанка, од позната стара фамилија Ќеманевци, додека, како девојче си играла пред порта, ја здогледал турскиот ага и пратил наредба до – мајка и` да ја спреми за утредента во харем да ја земат. Уште истата вечер, организирано, се` оставиле, со чеза побегнале за Скопје и веднаш ја дале за дедо ми…Родиле 12 деца, татко ми сугарето! Умре на свои 85 години, неписмена, но мудра, исправена како пушка, со сите заби в уста, чиста и бела како алабастер…
Татко му на дедо ми -Трајче Илиевски, со секирче закачено на појас,бил страв и трепет, неприкосновен и жесток бунтаџија кон се` неправедно…
Дедо ми Петре, фурнаџија, расен маж, горд, работлив и строго патријархален, бил учесник во сите војни пред Втората, како Македонец!…
Една од ќерките – Вера Илиевска, како девојка, била партизанка, првоборец; еден од синовите- Павле Илиевски, врстен спортист, македонски првак и југословенски репрезентативец, 2 години робувал на Голи Оток заради идеите за независна и обединета Македонија; друга од ќерките – Марица Илиевска, после ослободувањето – три пати бирана за најлична скопјанка во Офицерскиот Дом…сите, стамени домаќини со видни семејства!
Татко ми пак, сирак од 5-годишна возраст, уште како малолетен, зел учество во НОБ (бил прв чувар на Собранието), прогонуван и без обвинение од Информбирото, никогаш член на партија, голем родољуб, праведник, врвен стручњак во својата област, цела Македонија ја има неколкупати пеш изодено во својата 40-годишна служба и научно проучувано, содржано во стотици елаборати, дури и депонирани во МАНУ…
И сега НИКОЈСИ-НИКАКОВ мисли, јас од нивното МАКЕДОНСКО ќе се откажам?! Или ќе прифатам дека всушност баба ми се нудела во харем да ја однесат?
Олгица Н. Трајковска
Македонија, 03.12.21