Елка Јачева Улчар

Елка Јачева Улчар

Отворено писмо до новинарката Катерина Блажевска:

Здраво Кети, одамна не Те читам. Поточно од оној момент кога во една колумна ги нападна сите оние што ѝ дадоа поддршка на проф. Гордана Силјановска-Давкова за Претседател на Македонија. И ги стави сите во ист вмровски кош. Така како што сдсмовските апаратчици ги етикетираат сите неистомисленици. Зашто така, се чини, е најлесно!
Значи, одамна не Те читам. Ќе речеш – голема работа што таму некоја си Елка, „тешка вмровка“ не ме читала. „– Си имам – јас своја публика“ – ќе и речеш и ќе си продолжиш, како што и продолжуваш, – да си пишуваш. И дотука е сЕ во ред, доколку во последната твоја колумна не велиш – демократија е тоа, кој како сака да си размислува… – ако е така зошто сметаш дека ти имаш поголемо право да си размислуваш од другите?! Сега ќе си речеш – па нели, бе, оваа не ме чита… арно ама…
Вчера пред полноќ ми доаѓа во сандачето Твојата колумна со порака, во која наша согрѓанка од Велес ми вели: – Еве да прочиташ што пишува нашата другарка од егејското маало во Велес… Експресно одговорив: – Нема да се растревожувам пред спиење… арно ама…
Легнав, и почна да рие црвот во мене. Станав, го зедов телефонот и Те прочитав… Ме чинеше тоа читање цела непроспана ноќ, иако имам толку работа… знаеш, работам со една колешка на еден ракопис од 19 век, напишан на егејски дијалекти на потегот Солун – Воден… Како Егејка, чинам би требало да знаеш за кои говори ти зборувам. За оние говори што се дел од македонскиот дијалектен систем од кои НЕ во име се откажаа ТВОИТЕ идниноносци… тие што не сакаат да се караат со своите јужни соседи Грци, ама душа дале да го раскараат својот народ… тие што НЕ во мое име решија да не ги именуваат нашите долу како Македонци, ами како „една категорија луѓе што зборуваат на јазик различен од грчкиот…“ Нејсе, станав и ја прочитав Твојата последна колумна „Џиновска демагогија“… И знаеш, што заклучив? Ти, драга Кети, ама, воопшто, не си ја разбрала поентата на реченицата од ГОЛЕМИОТ БЛАЖЕ КОНЕСКИ кога вели: „Јазикот е единствената наша целосна татковина.“
Кога Професорот го вели ова, низ метафора сака да каже: нашата татковина е ПОГОЛЕМА од оваа што ја имаме во државните рамки. Нашата татковина се протега дотаму до каде што се слуша и говори македонскиот јазик… Затоа, Кети, јас не се согласувам со тебе дека токму Антонио Милошоски е најголемиот демагог со оној исказ со кој ги навреди сите Македонци што си го милуваат својот јазик како родината си – да се изразам во духот на уште еден наш ГОЛЕМЕЦ од нашите краишта, Крсте Мисирков. Не, зашто тој негов исказ никаде, освен во меморијата на Македонците современици на Милошоски, не се најде потврден и ратификуван во НИТУ еден државен акт, документ или договор, – така како што се најде блажеконеската татковина засегната со Препанскиот договор. Знаеш зошто? Зашто со тој документ ТВОИТЕ – НЕ во мое име, се откажаа од една третина од јазичната територија чие простирање оди и до 100 км на југ од нашата државна граница. Ако не си знаела, иако како Егејка би требало да знаеш, нема македонски дијалектолог од Институот за македонски јазик и од Филолошкиот факултет ,, Блаже Конески” кој не магистрирал или не докторирал на говор од Егејска Македонија; на оние говори кои стојат како МАКЕДОНСКИ во Општословенскиот атлас, а кои со овој договор од страна на бугарската дијалектологија уште поинтензивно од претходно – се присвојуваат и се негираат; и бараат да се избришат како дел од македонскиот дијалектен систем. Можеш и да не ми веруваш мене (зашто јас, нели, сум пристрасна ем „тешка вмровка“, иако сум без ниту една партиска книшка, оти за да ЈА САКАМ МАКЕДОНИЈА не ми е потребна ниту една партија), ама слушни или прочитај што кажуваат академиците М. Марковиќ, В. Фридман, З. Тополињска… белки и нив не ги прогласија ТВОИТЕ за вмровци…
Ете, така стои работата со засегнатоста на блажеконевската Татковина.
Сега, нешто ќе ти кажам и за мојата ТАТКОВИНА, сфатена во потесна смисла од онаа на Блаже Конески и на сите што се чувствуваме Македонци.
Од мојата татковина, Кети, како и од твојата, при што татковина го сфаќам како ‘приватен имот, нива, земја добиена како наследство од татко’ немаме – НИШТО! А како и би имале кога мојата баба (за твојата не знам) со три деца од кое најмалото на дојка, и со една „врзана шамија со пилени за тет-ти Слава“ ја преминале границата „привремено“ за да спасат жива глава. И така нивното „привремено“ стана вечност скаменета во гробовите на „Свети Спас“ и „Св. Пантелејмон“ во Велес. Во државата Македонија. Така, драга моја, јас, Ти и многумина Егејци останавме без татковина и без дедовина… Ама само физички. Онаа духовната, вткаена во нашиот јазик, во оној јазик за кој дедо ми велеше „утидек на партизани оти учејните шо на водИја ни кажувАа оти ка ќе заврше војната с’те биз страк ќи си лајфме маќидонцки“ – остана. Како завет! Што боли! Што опоменува! Што проколнува! А за мене (за Тебе не сум сигурна) „то лаф“, тој збор на нашите дедовци и татковци обврзува. На ист начин како што и Блаже Конески го обврзаа сите негови напишани и ненапишани песни!

Е.Ј.У.