ЕВРООБВРЗНИЦАТА

ЕВРООБВРЗНИЦАТА

Анализа што треба задолжително да ја прочитаат Кире Наумов и Никола Поповски (СДСМ).

МАКЕДОНИЈА СО КАМАТА ОД 3,97, АЛБАНИЈА И БУГАРИЈА РЕКОРДЕРИ СО 7,5 ОТСТО

Каматната стапка од 3,97 отсто за третата еврообврзница што минатата недела ја издаде Владата е најниската досега по која се задолжила која било земја во регионот, покажува споредбената анализа.

Ваквата ниска каматна стапка, сметаат експертите, е потврда дека инвеститорите ја гледаат македонската економија како стабилна.

Во регионот речиси и да нема земја што во последните години не издала една или неколку емисии на еврообврзници. Износите се различни и варираат од 280 милиони, па с` до шест милијарди евра. Слично е и со каматите, кои зависат од периодот на издавање, но и од процената на финансиските експерти за состојбата на домашната економија на земјата што се задолжува. Споредбата со земјите од опкружувањето покажува дека најниската каматна стапка е онаа што ја доби Македонија, односно 3,97 отсто, а највисока камата им била одредена на Албанија и на Бугарија и изнесува 7,5 отсто.

Издавањето на третата еврообврзница доаѓа во поволен период за земјава, сметаат домашните експерти. Професорот на Американ колеџ, Марјан Петрески, смета дека е позитивно тоа што Македонија може да се задолжи на комерцијалниот пазар со еврообврзница со релативно поволна каматна стапка.

– Ова, меѓу другото, покажува дека инвеститорите ја гледаат економијата како стабилна, што се рефлектира и врз стабилниот кредитен рејтинг кој не се промени во текот на кризата. Секако, опција е и концесионалното задолжување кај некоја од меѓународните финансиски институции, но тоа е поврзано со наметнување низа услови. Сметам дека задолжувањето со еврообврзница по поволна каматна стапка може дополнително да влијае врз општата инвестициска доверба, што на Македонија ~ е особено потребна имајќи го предвид историјатот на политички и економски нестабилности – вели Петрески.

Сепак, тој напоменува дека еврообврзницата може да има и негативен аспект. За Петрески е недоволно јасно за што конкретно ќе се искористи износот над тоа.

– Сметам дека е коректно Владата на граѓаните кои ќе го отплаќаат тој долг да им каже јасно и недвосмислено за што ќе се искористат тие пари. Ако намената е за патишта и други инфраструктурни објекти, тогаш може да има оправданост. Ако е за тековни буџетски потреби, тогаш може да биде почеток на фискален меур, кој видовме како заврши во земјите од периферијата на ЕУ – вели Петрески.

Министерот за финансии Зоран Ставрески пред издавањето на еврообврзницата изјави дека средствата ќе се користат за предфинансирање на буџетот за 2015 година, враќање на еврообврзницата издадена во 2005 година во износ од 150 милиони евра, отплата кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за кредитната линија во висина од 115 милиони евра земена пред три години, како и за финансирање голем број капитални објекти в година.

– Со издавањето на последната трета евробврзница Македонија постигна историски најниска каматна стапка од 3,97 проценти. Таквиот резултат е постигнат благодарение на исклучително добрата макроекономска состојба годинава во земјата. Тоа претставува силен израз на доверба на инвеститорите кон Македонија и кон нејзините економски политики, како и состојбите и перспективите на земјава воопшто – изјави Ставрески.

Речиси сите земји од регионот што издале еврообврзница ја искористиле најмногу за рефинансирање, односно за отплата на долгови, а некои ги насочија парите за враќање на кредитите земени за изградба на капитални инвестиции, како што е изградбата на автопатишта. Апсолутен рекордер во овој поглед е Грција. Јужниот сосед, за да надомести дел од својот огромен буџетски дефицит, најпрвин издаде еврообврзница вредна 5 милијарди евра за по еден ден од постојната емисија да издаде уште еврообврзници вредни милијарда евра. На овој начин на поголеми суми се задолжија и Хрватска, Србија и Бугарија. Хрватите и Србите издадоа еврообврзници за 1,1 милијарда евра, при што Србија доби нешто поповолна каматна стапка од нејзиниот сосед. Бугарија, пак, лани се задолжи за 950 милиони евра, но со повисока камата од претходните две земји.

Земјите што издадоа еврообврзници за најмала сума се Албанија и Црна Гора, при што албанската беше во вредност од 300 милиони евра, а црногорската 280 милиони.

Даница Тунтевска-Вујовиќ