Горазд Росоклија, од Љу Јорк.
ДАЛИ Е ДПМНЕ И ВМРО?
Деновиве ми беше забележано заради изоставување на ВМРО во името на ДПМНЕ.
Дали е ДПМНЕ и ВМРО?
Според регистрацијата на името, да!
А според идеологијата и застапувањето за македонските интереси?
Наједноставниот одговор би бил следниот.
ДПМНЕ се откажа од тоа да е внатрешна македонска органзиација кога се стави под комплетно туторство на ,,меѓународниот“ значи странски фактор чија цел е бришење на македонскиот национален идентитет.
Се откажа од револуционерноста кога се прогласи за граѓанска што е европски, но во земја во која партиите се етнички и во која коалицијата се прави според етничката застапеност, не според идеологијата, граѓанството на ДПМНЕ делува комично и додворувачко кон истиот ,,меѓународен“.
Но има и нешто посуштествено од ова, а тоа е историјата на органзиацијата.
Затоа мислам дека одговорот што секој од нас ќе си го даде на поставеното прашање, дали ДПМНЕ е или не е ВМРО, зависи од тоа колку знаеме за историјата на ВМРО.
ВМРО е основано и водено од македонската интелектуална елита.
Цел на организацијата била просветлување, просветување, ослободување од ропство, и формирање автономна македонска држава.
Сите знаеме дека постои и ,,женско“ ДПМНЕ, а некои од нас ги знаат и претседателките на ,,женската“ ДПМНЕ.
Но дали ги знаеме основоположничките на ВМРО, без ДПМНЕ?
Дали жените кои членуваат во ДПМНЕ ја знаат историјата на организацијата чии традиции викаат дека продолжуваат?
Можеш ли да продолжиш традиции кои не ти се познати?
Еве ги основоположничките на „Македонската тајна женска организација“ која дејствувала од 1926 до 1941 година.
Гена Велева-учителка од Скопје
Роза Којзеклиева-гимназиски професор родум од Штип измачувана во Идризово
Стојна Стефкова-учителка од Скопје (Чаир)
Донка Иванова (подоцна Ѓузелова)-од Скопје
Пандора Титизова-од Скопје
Перса Младенова-од Скопје
Благородна Мицева-од Скопје
Параскева Марковска-од Скопје
Параскева Марковска, најстарата сестра на мајка ми, на фотографијата е прва од десно и е најмлада меѓу основоположничките. Таа е идеологот на семејството на мајка ми. Таа, во алиштата на мајка ми, вујко ми Вени и третата нивна сестра Вера, им ја зашивала заклетвата на ВМРО. Таа била во постојан контакт со Мара Бунева додека Бунева била во Скопје и го подготвувала атентатот врз Велимир Прелиќ, најголемиот крволок на македонскиот народ и пред се македонските студенти и интелектуалци.
.
Дали членовите на ВМРО-ДПМНЕ го знаат ова?
Ги знаат овие брилјантни жени?
Нивните животи, нивната жртва?
Дали некогаш ги спомнале?
Не?
Врз кои традиции ВМРО-ДПМНЕ го бара својот континуитет со ВМРО?
Како тогаш ДПМНЕ е ВМРО освен што така си го регистрирале името?