Како од Македонци станавме „Заеднички“?
Дарко Јаневски
Кога со некој друг народ истовремено си бил под окупација, тоа значело дека имаш заедничка историја. Отприлика така гласи едно од објаснувањето за еден од спорните елементи во Договорот меѓу Бугарија и Македонија. Што значи дека ние имаме заедничка историја и со Грците од почетокот на османлиската окупација до 1832 година кога завршува грчката војна за независност, со Србите и Бугарите до 1878 година, а со Албанците до прогласување на нивната независност во 1912 година. Но, согласно ова, имаме заедничка историја и со, на пример, Норвешка во текот на Втората светска војна бидејќи исто така сме имале заеднички окупатор – Германија. Можеме да одиме и до антиката, па во тој случај имаме заедничка историја со сите оние кои во времето на Исус Христос биле под римска окупација, па оттука, изгледа дека бројот на држави со кои ќе треба да ја усогласуваме нашата историја не завршува со Бугарија, туку, токму тука почнува. Во секој случај, по Бугарија, следна на ред ќе биде Грција, која едвам го чека потписот на Заев на договорот со Борисов. Па допрва ќе се смееме кога, на пример, за костурскиот митрополит Германос Каравангелис или за неговиот пулен Павлос Мелас кој во Македонија ни чаша вода не можел да добие, ќе треба да учиме како за ослободители на Македонија во почетокот на 20-тиот век, но не од Османлиите туку од комитите како Васил Чакаларов, Лазар Поп Трајков или Митре Влавот. Се разбира, тогаш ќе оди полесно бидејќи, што би рекол оној шутрак кој од друг шутрак беше поставен за директор на театар, веќе сме отворени три прста, па убиството на 60-тина селани во Загоричани во 1905 година од страна на грчките чети (баш ме интересира како овој настан е опишан во бугарските учебници) ќе ни изгледа не како злосторство туку како праведен чин во кој Грците дошле да го ослободат селото од неговите жители – окупатори.
Е сега, можеби ќе оди малку потешко кога ќе дојдеме до Граѓанската војна во Грција, но евентуално решение тогаш би било да го ангажираме Трифун Костовски како експерт за Егејска Македонија кој би незастапувал во заедничката комисија со Грција. Патем, ако Бугарите се ослободиле од Турците во 1878 година, тогаш како во теоријата за заедничка историја врз основа на заеднички окупатор влегуваат Илинденското востание или Гоце Делчев кој во годината на бугарската државност имал шест години? Понатаму, дали тоа значи дека заеднички ни е Санстефанскиот договор? А кога сме кај окупаторите и окупираните, што станува со Турција? Таа е членка на НАТО, па може да не блокира ако не ги усогласиме учебниците и со нејзе (како и Албанија). А турската историја го има сето право Гоце Делев да го третира за обичен „шумкар“, поради што, впрочем и го ликвидирала. Согласно правниот поредок на таа држава тој бил бунтовник, па така и го третира нивната историја. Нашата, за Делчев има поинаков поглед, зар не? Така, што, само по основ на овој елемент, целиот договор со Бугарија може да се стутка и да се фрли во вода. Два различни народи не можат да имаат заедничка историја. Под услов, се разбира, да се различни. Ако тие два народи се „заеднички“ односно ако се едно исто, тогаш веќе е друг муабет.
Вториот елемен кој демек двете страни „стручно“ и „дипломатски“ го обработиле па може да помине е дека договоор се потпишува на македонски јазик, согласно Уставот на Македонија и на бугарски јазик, согласно Уставот на Бугарија. И во тоа, ете, немало ништо спопрно, оти се споменувал македонскиот јазик. Да, само што проблемот е што гледано од уставен аспект, во еден устав македонскиот јазик за прв пат се споменува на 31 декември 1946 година кога е донесесен и првиот Устав на оваа држава. Тоа само по себе значи дека бугарската страна во овој договор успева да ни протне нешто што македонската не сака да го види – дека таа и на овој начин ја потврдува својата теза оти пред формирањето на НРМ и пред АСНОМ, македонски јазик не постоел. Само што овој пат тоа самите ќе го си го изгласаме. Фактот што истата формулација е употребена и за бугарскиот јазик не значи ништо и не не става во рамноправна положба во Договорот од едноставна причина – ние за бугарскиот јазиик не тврдиме дека е вештачка творба создаена од Блаже Конески под српско влијание, ниту било кога сме го негирале бугарскиот јазик. Инаку, како што стојат работите, Србија која веќе отвори неколку поглавја од преговорите со ЕУ,во ова друштво ќе влезе пред нас (ако ние воопшто некогаш станаме членка на ЕУ). Така што и оваа земја тогаш ќе се најде во позиција во која сега однос на нас се наоѓа Бугарија. И ајде тогаш да го разгледаме евентуалниот договор за добрососедство меѓу Македонија и Србија врз примерот на Мара Бунева (договорот кој ќе ни биде потребен со Албанија веќе беше исцртан во груби црти со Тиранската платформа, а кога ќе треба дополнување тогаш го имаме тука командандт Форина кој ќе го дополни додека педесетина пратеници му пеат песничка, а другите му креваат по две раце). За Србија таа е бандит и терорист, убиец на српскиот полициски началник Владимир Прелиќ, а за Бугарија таа е борец за слобода окупираниот бугарски народ во овој дел од Македонија од Србија. Кај нас Македонците, односно безимените, работата малку се комплицира бидејќи сме поделени на два дела: за дел од нас таа е само борец против српскиот режим, а за другиот дел од безимените таа не е ништо, односно не постои. Така што, во овој случај на едно место ќе имаме терористка, револуционерка, Бугарка, Македонка и ништо. Многу би сакал да видам која е таа комисија од историчари која ќе го реши овој проблем и потоа ќе напише лекција за учебник која децата ќе можат да ја учат.
Но, дотогаш ние можеби и нема да треба да се мешаме во вакви работи, бидејќи ќе немаме историчари. Зашто ако договорот со Бугарија помине, македонските историчари (од кои голем дел, рака на срце едниствени даваат отпор во оваа ситуација), на чело со оние четворица во МАНУ кои така гласно молчат што се трескавично смешни, ќе можат слободно да си ги изедат дипломите, а историската наука во РМ ќе треба да престане да постои. Оти, не бива, прво да учиш четири години, потоа да магистрираш, па да докторираш, па да минуваш скалила од доцент до редовен професор и на крај, да треба некому, денес од Бугарија, а утре од Грција, да го убедуваш во тоа што бил и за што се борел Гоце Делчев. Освен се разбира доколку ВМРО-ДПМНЕ не почне да одржува двојно повеќе прес конференции од тие во моментов и доколку вака храбро не продолжи да преде како што тоа го прават Никола Попоски, Антонио Милошоски, Илија Димоски (во нетрпеливо очекување сме по ова прашање да биде изложена и на пример раскошната интелигенција на еден Миле Јанакиевски) и да не ги редиме натаму сите храбри комити, војводи и горски началници од оваа партија. Оти кога ВМРО-ДПМНЕ згрмува како што го прави деновиве, тогаш не Пирин, ами и Рила и Олимп се тресат. Но, се разбира, треба да се има в предвид и дека новопоставениот Маршал на Македонија Јосип Броз Бејли кажа дека договорот со Бугарија е наш голем историски чекор за иднината (не е јасно како можеше после тоа и Жбогар да си земе за право да каже некој збор). Штом е така, тогаш да си застанеме мирно и да си помолчиме. Како на времето. Оти се друго е
непријателска пропаганда.
Кој заборавил, ене му го член 133 од Кривичниот закон на СФРЈ, односно од Кривичниот закон од времето на Маршалот. Но, за тоа деновиве.