ПРЕПИСКА СО МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ ВО БУГАРИЈА
Б…….. здраво,
,,Ќе треба да помине време за да се избришат трагите од ,,перењето на мозоци“ од страна на бивша Југославија, дека постојат Македонци“ (изјава на Екатерина Захариева во бугарското собрание) .
Ако твојот став е идентичен со нејзиниот, дека Македонци не постојат, тогаш си во право и твојата логика е исправна.
Потписите не создаваат нација и не ја бришат, но индоктринацијата го прави тоа, а во Македонија се случува точно тоа, се брише македонската историја и сѐ што сме создавале како Македонци.
Историјата ни ја диктираат бугарски и грчки историчари, а тие ја пишуваат нивната историја, не нашата. Создаденото од Македонците станува фус нота во Бугарската историја.
Европските вредности ги гледаме преку недемократски инсталирана власт во Македонија, која ги спроведува директивите на ЕУ за затворање на ,,македонското прашање“ со бришење од постоење на македонската нација и со поделба на македонската држава која е во тек.
ЕУ ни создаде криминализирано собрание во кое власта, на сугестија на ЕУ претставниците, употребувајќи ,,балкански методи“ според директната сугестија на Хан, ги поткупува и уценува пратениците, да гласаат за промени на уставот со кои престанува да постои македонска нација па стануваме земја на малцинства кои се јасно дефинирани и словенска аморфна маса која ќе треба да се дефинира.
Уставниот суд на Македонија, се прогласи самиот себе за ненадлежен да ги разгледува уставните промени!!!
Европа и САД ни инсталираа власт со луѓе кои во ЕУ или во САД би завршиле на доживотен затвор, активни криминалци и помилувани криминалци. Тоа е концептот за европските вредности во Македонија?
Јас мислев дека се научниците, филозофите, книжевниците, уметниците, но изгледа дека тие се заменети со битанги, како во самата ЕУ (Брисел) така и во Македонија, а Бугарија не е многу подобра.
Истата ЕУ, корумпирајќи ја македонската власт од сите партии, ни носи рудници на смртта, италијанската компанија која има монопол врз отпадот, внесува радиоактивен отпад. Македонија е најзагадена земја во светот или меѓу 4 најзагадени.
Договорот од Мароко кој САД и ЕУ земјите го отфрлаат, инсталацијава криминалци кои се власт во Македонија го потпиша. Тоа значи прифаќање имигранти во земја во која нема ниту милион и половина луѓе. Друга култура, друго ниво на (не)едукација, друга религија во земја која нема економски капацитет да го вработи сопственото население. Такви сигурно не носат прогрес, а Македонија ја прават земја за складиштење на токсичен отпад и сместување на луѓе непожелни во Европа.
Верувам дека така ќе ги достигнеме европските вредности и европските стандарди за да станеме членка на ЕУ? На страна што тоа ја менува етничката, културната и верската карта на Македонија.
Кога станува збор за членство во ЕУ, ни ветуваат дека после 2025 ќе бидеме ставени на дневен ред, никако пред тоа, што значи би биле примени некаде 2035, ако ЕУ дотогаш постои, во што сите паметни луѓе се сомневаат. Барем не во ваква форма во која е сега.
Кога станува збор за членство во воен сојуз, за кој ќе треба да одвојуваме средства, 2% од буџетот (мислам), не гледам кој е македонскиот интерес? Млади луѓе наместо со тие пари да бидат едуцирани низ едукативните институции во светот, ќе бидат испраќани да гинат за интереси кои благо речено не се македонски интерес.
ЕУ не ја ослободи Бугарија ниту од корупцијата, ниту од битанги на власт, ниту од сиромаштијата. Сите статистики говорат дека Бугарија е најсиромашна и најслабо едуцирана од сите ЕУ земји, а не ЕУ земји се Косово, Албанија, Македонија, Србија и БиХ. Ете таму е Бугарија со ЕУ и во ЕУ.
Како бонус, од тоа што го читам, Бугарија ги губи најпаметните и најобразуваните млади луѓе, кои после влегувањето на земјата во ЕУ, масовно ја напуштаат.
Ако ова што се случува во Франција и низ Европа, како и сликата на Бугарија е европската иднина која ни се нуди, не мислам дека таквата иднина е посакувана иднина.
14.12.21
Г. Родоклија – Њу Јорк