.
ГОЦЕ, БУГАРИТЕ И НИЕ
Инфериорни ,,лидери“ сопствената инфериорност ја проектираат врз целиот македонски народ. ,,Нашиве лидери“ покрај интелектуалната инфериорност, се историски и културно неписмени.
Кога станува збор за Бугарија и политиката кон Македонија, ако се откажат од нас и од нас создаденото во нивната историја, револуции, култура, просветителство…им остануваат само Шопите.
Ова не е сарказам туку вистина.
Во мемоарите на Крсте Црвенковски (и лична комуникација при нашето дружење во Париз 1986 година) кој го цитира Тодор Живков, овој му вика (по сеќавање): ,,Бидете Македонци во Македонија, но ако прифатам постоење Македонци во Бугарија, жив ќе ме изедат, целата БАН (Бугарска академија на науките и уметностите) е со Македонци…“
Покрај набројаното, Бугарија никогаш не го заборавила и сеуште го сонува моментот на Сан Стефано и Санстефанска Бугарија.
Нивна државна цел е не само македонската територија во склоп на Бугарија туку и Македонците како Бугари. Ова последново е потенцирано со негативниот наталитет и со раслојувањето на бугарското општество. Младите и образувани ја напуштија Бугарија, муслиманството кое беше потискувано од комунистичкиот режим крева глава и сѐ заедно, иднината на Бугарија како држава на словенско население е доведена во прашање. Едноставно, Македонија и Македонците им требаат повеќе од било кога.
Кога станува збор за Гоце Делчев, тој е роден во Кукуш, Солунски округ, географска Македонија, во книгата на родените под етникум стои Отоман (според енциклопедијата), го посветил животот на ослободување на Македонија од Отоманите и создавање автономна македонска држава, одел во гимназија и воена академија на бугарски јазик (изборот бил грчки или бугарски).
Гоце Делчев живее и делува кон крајот на 19 век, кога самата Бугарија се бори за ослободување од Отоманите.
Во тој период, според бугарските историчари, преку 95% од бугарското население на прашањето за етничка припадност се изјаснувале како рисјани, нема свесност за етникум или нација (инаку, Бугарија од Отоманите ја ослободиле Русите, па Бугарите ја изградиле црквата Александар Невски во знак на благодарност кон Русија).
Курдите во Турција пишуваат дека се Турци, во Сирија Сиријци, во Ирак Ирачани. Немаат друг избор.
Човекот е неговото дело, не е местото на раѓање, уште помалку администрацијата под која живеел.
Ние го славиме Илинден и ги славиме Илинденците заради идејата за која се бореле, автономна македонска држава, а не како биле запишани во книгата на родени.
Што слави Бугарија?
Крсте Петков Мисирков ги пишува, ,,За Македонцките работи“ во 1903 година, истата година кога гине Гоце и кога следи Илинден.
Политичари и потплатена багра во комисиите ќе решава чии бил Гоце, гигантот кој создал историја како борец за Македонија?
Ме потсетува на прашањето дали историските Македонци (антички е погрешен термин) биле грчко племе или не?
Не биле грчко племе (според Борза, Бадиан, Грин, Тарн, Босворт…) што во основа е небитно, затоа што во историјата оставиле трага како Македонци, а не како Грци или Хелени.
Гоце е македонска историја и тука завршува целата дискусија.