ЕУ политички лудории
На времето, пред човештвото да почне да се забавува преку јавното воајерство „големиот брат“ или „опстанок“, постоеја забавни програми од типот јавни лудории, каде што се натпреваруваа екипи во најразлични игри.
Сето тоа во функција на геслото на римската култура за контрола на масите позната како „леб и игри“. Откако ЕУ-империјата, за која при својот реизбор во Европскиот парламент говореше Мануел Баросо, влезе во финалната фаза на својата криза, ескалира и трендот на драматично лудирање на евробирократите што ја обликуваат т.н. европска заедничка политика.
Што е ЕУ? Организација на држави што делат исти принципи и интереси? Наднационална супердржава со 28 конституенти? Соединети европски држави со екстериторијална федерална столнина и централна економска власт? Економска заедница што обезбедува заеднички пазар? Еден господ знае во овој момент. Она што со сигурност се знае е дека во моментов со европските институции управуваат 15.000 бирократи и 30.000 регистрирани лобисти. Сите тие се именувани, а ниту еден од нив не е избран од живи луѓе на слободни непосредни избори. Моќта да донесуваат закони и политички одлуки со кои влијаат на животите на Европејците е во нивни раце, а притоа сосема се ослободени од лична одговорност и целосно се самозаштитени од каква било надворешна контрола. Сѐ на сѐ, ЕУ-бирократијата е над законот и Уставот што ЕУ го нема по неколку неуспешни обиди да го скоцка како-така. Гледано од тој агол, нема голема разлика помеѓу новородената ИСИЛ и ЕУ. Можеби токму затоа ЕУ ја ословува оваа конкурентска монстр-креатура како „групација“, а не како терористичка, бандитско-мафијашка, пљачкашко милитантна или екстремистичка.
ВО ИСТО КАЈЧЕ!?
Како и да е, намерата на текстов е преку примерот на Македонија и Грција да се присетиме на некои од позабележителните европски глупирања, кои уште ги нарекуваат политички одлуки, закони со европско знаменце, директиви, извештаи, резолуции и сл. Изнесувајќи ги вака на купче, примерите би требало да ни послужат за да проникнеме во македонската политичка мантра за безалтернативното зачленување во овој „ексклузивен клуб“ во кој државите-членки ја губат својата сувереност, а во крајна линија и секоја смисла на дневна основа. Грчката влада во последната рунда преговори со своите кредитори реши да го стави на референдум пакетот мерки на ММФ, односно фамозната банкарска „тројка“. Финансиските министри на земјите-членки излегоа со соопштение дека се изненадени од ваквиот потег на премиерот Алексис Ципрас. Го обвинија за нефер игра. Од друга страна, Ципрас во својата изјава пред грчкиот народ објасни дека неговата земја и народ не биле третирани како членка и партнер, ами дека се уценети и дека им е врачен ултиматум што Грците не можат да го прифатат оти се демократи.
Ова е обратно од практикувањето на меѓусебните односи помеѓу Македонија и ЕУ, односно Брисел. Македонија во изминативе 25 години секогаш била третирана како аутсајдер кому редовно му се испорачуваат најбезобразни барања, и тоа од суштински карактер, а кои сите наши владејачки елити ги спроведуваа послушно и кротко, па сепак практично никогаш ништо не добила од тоа, освен необврзни изјави и извештаи што павтаат во воздух. Кооперативната Македонија и некооперативната Грција сега се на исто кајче, со таа разлика што послушниот Груевски со силен народен мандат гледа да ги задоволи евробирократите а да ги смува граѓаните, додека Ципрас го плаши Брисел со народот од кој тој добил мандат за да води токму политика каква што води. И за Груевски и за Ципрас во прашање е нивниот политички опстанок, што е помалку важно, оти во суштина во прашање се иднината на народите и начинот на кој се креира политиката во една држава. Или ќе го почитувате принципот за сувереноста на народот или ќе прифатите да бидете застапник на интересите на политичко-бирократската каста што застапува приватни финансиски интереси на корпорации.
На прашањето еден обичен Холанѓанец, кој решил да истражи што е ЕУ, која има неверојатно влијание врз животите на Холанѓаните, а упатено до висок функционер на ЕУ, го доби следниот одговор: „ЕУ е организација на 28 суверени држави. Брисел, ЕУ-администрацијата ја дава рамката за дејствување, а суверените држави ја детализираат и разработуваат“. Фино. Тоа се вика демократски централизам. Иако кованицата нема врска со демократијата. Оти и деталите се под надзор на Брисел преку локалните политкомесари. На пример, националните буџети за кои пишувавме поодамна веќе не се национални зашто „тројката“ контролори имаат право дури и да ги конфискуваат народните пари еднократно, да ги пренаменуваат, имаат право да уредуваат за што ќе се трошат народните пари и сл., што ги обесмислува демократијата и плурализмот. Имено, Брисел претпочита сите 28 суверени држави да ги облече во една иста униформа, не водејќи сметка за културните, традиционалните, економските, политичките и сите други разлики меѓу европските народи. Државите конституенти мораат да се транспарентни кон Брисел додека тој е прикриен со превез од тајни. Брисел не го контролира за корупција никој, а државите членки се под 24-часовен надзор. Членките не ги оценуваат перформансите на ЕУ-бирократијата. Таа редовно ги влече за уво националните влади и законодавства. Брисел катаден ги пишува и брише своите фамозни директиви, а државите мораат беспоговорно да ги исполнуваат ставајќи ги во недоумица живиот граѓанин и локалните законодавци, односно извршните власти.
ДАНОК ЗА СПАЛНИ
Но и во ваквото конципирано наменско политичарење со голо око ќе ги видите чудесните дострели на ад хок европски правила што не го издржуваат тестот на времето, а го загорчуваат реалниот живот. Да го земеме за пример последниот предлог-закон „Слобода на панорама“. Во него стои дека им се забранува на фоторепортери и сниматели да користат снимки од споменици и градби во европските градови како уметнички фон или заднина за вести и извештаи, за филмови или фотки во медиуми, доколку не извадат дозвола кај локалните власти, односно во Брисел, и доколку не платат „наемнина“. Бидејќи „законодавецот“ во ЕУ не сметал за потребно да објасни што се цели со законов, останавме збунети пред логиката. По долго размислување, а земајќи го во обѕир моментот кога се предлага ваква глупост, ни текна дека очајните Европејци на ваков начин веројатно сакаат да ги дестимулираат потенцијалните мигранти од несреќната Африка и Азија да навалуваат на Европа како посакуван рај за живот. Демек, ако постојано ги гледаат во кадар Ајфеловата кула, Биг Бен или панорамското тркало додека им се соопштуваат важни вести од „цивилизацијата“, ќе тргнат масовно кон Европа. Ако, пак, снимателите и фоторепортерите, филмаџиите и медиумите ги прекријат со црно култните споменици, мигрантите ќе немаат идеал, па ќе си седат дома. Заедно со глупоста Англичаните да плаќаат данок за спални, водата да се трансформира во приватна сопственост на една корпорација, дождот да стане државна сопственост, ГМО да се прогласи за нутриционистички стандард, Балканот да го претворат во логор за мигранти и да тргнат во војна со шверцерските чунови среде Медитеранот, на мнение сум дека кај ЕУ-бирократијата зел замав синдромот на црпнатиот Заев.
Оти првите знаци на империјалната болест на Калигула се појавија кога Брисел ги одреди пропорциите на краставиците, јаболката, јагодите, па правилата ги проширија на естетиката (нивната боја, исправеност-искривеност, облини и сл.), за на крај лобито за храна во ЕУ-парламентот да издејствува со 62 отсто гласови на земјите-членки да донесат ЕУ-уредба во која ГМО-исхраната се прогласува за корисна за човековото здравје. Што ќе рече, за една-две генерации, Европа законски ќе изумре. Дотогаш фармацевтските компании ќе се нафатираат со огромни профити, лекувајќи ги заболените од непознати болести Европејци што ја спровеле бериселската директива. На сличен луд начин ЕУ ги реши и проблемите со масовното изумирање на пчелите, за кои исто така своевремено пишувавме. А бре, де бре, држ не дај, конечно проблемот стана видлив за голо око, па евробирократите седнаа да напишат соодветна регулатива, која ќе мораат како догма со европско знаменце да ја спроведуваат земјите-членки (и кандидати). Се досетија да измислат берлински ѕид за спречување прелет на пчелите од природна недемократска средина во неприродна ГМО-демократска средина. Она истото ГМО што е прогласено за корисно, нештетно и здраво за човекот, за пчелите да ти било смртоносно!? Законот веднаш се покажа за глуп и неприменлив оти креаторите при кроењето не предвиделе дека пропорциите на ѕидовите (од дрвја), растојанието од ѕидот и меѓуграничието од 5 км на една и друга страна од дрворедот (ничија земја) не може да бидат исти за сите европски држави оти се различни по големина на прво место како што се различни и конфигурацијата и големината на ливадите, овоштарниците и полињата, што многу потсетува на грешката што ја направиле експертите во ЕУ кога го креираа еврото, а заборавија да предвидат заштитни механизми за во услови на криза.
ЗАТВОР ЗА СОБИРАЊЕ ДОЖДОВНИЦА
Нема ни да ги анализираме законите за униформирање на садовите за готвење, за начинот на кој на јавно место може да се сервира маслиновото масло или за пропишување на диетата за сите Европејци (што смее, а што не смее да се јаде, со што се бришат од постоење националните кујни и нивните специфики како дел од идентитетот на колективитетот). Сите до еден се глупави и над сѐ опасни лудории што водат директно во фашизација. Само што има и уште поглупави што чекаат на ред да се претворат во догма. На пример ЕУ, која се бори кобајаги за слобода на пазарот на други терени, кај себе практикува монополска економија. Така, благодарение на лобистите, ЕУ изгласа уредба со која за иден сопственик на водите во ЕУ е назначена компанијата „Нестле“. Ако и Македонија еднаш стане членка на оваа организација, заборавете на Рашче, Вруток и сите други извори на вода.
Има да им ги предадеме на „Нестле“. Сличен проект е во фаза на пробна употреба и се однесува на употребата на сончеви панели како енергетски извор. Повеќето европски држави-членки на Унијата веќе го спроведуваат. Од нашето поблиско опкружување само уште Швајцарија како неутрална не го применува законот. Тоа се истите оние сончеви панели што владата на Груевски ги стимулира и наградува сега за сега, а веќе утре ќе мора да ги вадиме оти и сонцето ќе биде приватизирано. Бидејќи САД веќе го приватизираа дождот, прогласувајќи државна сопственост врз него, и веќе осудија на двегодишен затвор Американец што собирал дождовница, прашање е на ден кога и ЕУ-бирократите ќе почнат да нѐ оданочуваат со дождарина. Веројатно се чека потпишување на евроатлантскиот договор ТТИП за лудирањето да земе замав. Останува уште воздухот, кој веројатно во рамките на лудориите ќе ни се пропишува за употреба со пумпички.
ПОГАЗЕНИ ПРИНЦИПИ
Да се вратам на случајот со Македонија, каде што ЕУ ги погази сите темелни принципи на кои почива декларативно слободното човештво и демократијата. Ќе почнам од последната преговарачка рунда на ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ под команда на Брисел:
– Принцип на демократски слободни избори. Иако пред една година се одржаа и парламентарни и претседателски избори, иако со 200.000 разлика ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ, СДСМ одлучи да не ги признае резултатите и да ги оспори државните институции.
– Оркестрирана непријателска пропаганда за политичка дестабилизација и преврат. Брисел тивко ги поддржуваше опозицијата и нејзиното глупирање преку соодветна логистика: медиумско-пропагандна, користејќи ги јавните сервиси на Велика Британија, Германија и на Франција,како и наднационалните мрежи од типот на „Слободна Европа“, невладино-цивилна, финансиска и секако тајно политичка, со амбасадорски диверзантски акции. Македонската влада беше уценета, редовно критикувана, постојано соочена со листи на барања и ултиматум, кој редовно завршува или ќе дадете сѐ што ви се бара или ќе добиете негативен извештај. Стигнавме до лудоста на четворица претставници на СДСМ вонуставно и вонзаконски да им се даде право на вето во неколку владини ресори, а на ЕУ-бирократи да им се обезбеди статус на екстерни членови на ДИК. И уште спроведување на бриселската препорака да се укине лустрирањето, односно прочистувањето на општеството од кодошлак, кое, ете, вирее и денес во трансатлантска форма.
– Економска самоодржливост. Мора да се укине, и тоа итно. На Македонија ѝ се забележуваше што организира јавни работи како форма за надминување на ефектите од кризата во ЕУ. Брисел се муртеше што дефицитот ѝ е мал, што предвреме се раздолжува кај ММФ и Светска банка, што не влече повеќе европски пари од фондовите, што ја намалува невработеноста, што носи странски инвеститори, што не е во рецесија. Што гради во Скопје и подига споменици. Што соработува економски, и тоа на лажиче со Кина и Русија. Што не воведува глупави санкции политички мотивирани.
– Вработување и социјална политика. Овој пат на Груевски Брисел му советува да прекине со кампањата за вработување пред изборите во април 2016 година. Притоа, од него се очекува да престане да вработува Македонци, а да продолжи да вработува по рамковен Албанци. Така Брисел ги рангира и категоризира етникумите. Така тие замислуваат фер изборни услови што тие ќе ги координираат вонуставно. Но затоа немаат ништо против изборното ветување на Заев дека СДСМ кога ќе стане власт ќе вработува само партијци, и тоа од чистачка до директори. Ниту им пречи што образовното ниво на позитивно дискриминираните партиски учки го спушта нивото на квалитетот на административните услуги што ги користи целокупното население. Во очекување на редовната визита на ММФ, нема да е чудно ако Брисел побара од Владата да ја намали и проекцијата за развој во 2016-та за некој процент за да влезе во европскиот просек на блага константна рецесија или стагнација на економиите. Ова до толку повеќе за да покажеме и солидарност кон соседите, кои сите до еден ни се банкрот. Значи, во рамките на напредокот на добрососедските односи да се искажеме како лидер. Од Владата се бара да попушта, а од опозицијата се очекува да остане цврста и да уценува во име на Брисел.
– Правна држава. Македонија, според извештајот на Брисел, е европски лидер во партизација, во корупција и контрола над судството, односно медиумите. Навистина Македонија не е некој светол пример на ова поле, ама сигурно не е над Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија или Црна Гора, Романија, Италија, Полска, Шведска, Норвешка, Латвија, Летонија, Естонија, Грција, Франција или Белгија. Сѐ што ѝ забележуваат на Македонија, сето тоа на ента-степен е присутно во државите-членки на ЕУ, а особено во Брисел. И партизација и неефикасна бирократија и сврзаност на судовите со власта и тешка корупција и неслободни медиуми во кои не може да се писне против ЕУ и НАТО, а Америка е табу-тема. Сѐ е строго диригирано и регулирано. Затоа Дуња Мијатовиќ оперира исклучиво на наш терен, а надвор од него ништо не гледа, не слуша и не забележува.
Она што на Македонија ѝ е пречка за приближување до Брисел, своевремено ама и денес не е никаков минус за ултракорумпираните институции во Бугарија и Романија, во Црна Гора и Србија, за во Грција не ни коментираме. Никаквиот економски пораст, никаквата демократска капацитетност, тешко ограничената слобода на говор и медиумски слободи, правата на малцинствата не се предмет на европските наднационални извештаи за тие држави. Затоа Македонија е 24/7 евровоајерска политичка топ-тема.
Од Македонија се бара да биде селективно правна држава Фото: Игор Бансколиев
Брисел немаше етички проблем со заканата испорачана до Скопје уште ланилето, а веднаш по конституирањето на оваа влада дека, ако Груевски не омекне кон барањата на опозицијата, која да ти била под евроатлантски чадор, ќе ја дестабилизираат безбедносно Македонија, и тоа повторно со активирање на УЧК. Што се случи во Гошинце и Диво насеље, а кое Брисел ниту го коментираше ниту има што било со случаите. Сѐ што бара е за инцидентите да не се остави институционална трага ниту да се води темелна истрага, која ќе разоткрие валкани прсти на Унијата и нејзините трансатлантски партнери. Како и да е, од Македонија се бара да биде селективно правна држава, послушна сточарска фарма што глуми држава, тивок исполнувач на ЕУ-директиви, радосен учесник во европските лудории, безгласна буква на поле на национални интереси, приврзок и слуга на сериозните држави и пешадија во излетничките инвазии, ограбувачки походи и лов на човечки „дивеч“.
На принципиелната ЕУ страшно ѝ пречеше што Македонија има отворени проблеми со своите соседи. Попрво, соседите на Македонија сите до еден имаат проблем со постоењето на Македонија како држава. А фактички со постоењето на Македонија проблем има ЕУ од самиот почеток пред 25 години. Тие не признаваа граници, идентитет, име, историја, култура, малцинства, црква, јазик. А Македонија беше принудена еднострано да се санкционира, забранува, брише, негира преку менување на Уставот, донесување ненормални закони и потпишување морбидни договори преку перверзни преговори. За разлика од неа, ЕУ немаше никаков проблем да затвора очи пред кавгите и тензиите на Грција со Турција. Дури не гледаше ништо спорно што во членство прими половина држава Кипар. ЕУ немаше никаков проблем да прифати отцепување на Косово од Србија. А има проблем да го прифати анектирањето на Крим.
Кралството Белгија 543 дена беше без влада. Партиите беа непомирливо раскарани, па сепак ЕУ не забележа дека нејзината членка има политичка криза. Во Македонија фрчеа загрижени изјави на згрчени од болка Европејци од можноста да се дестабилизира цел Балкан, па и Европа поради една Македонија чија опозиција (дел) реши да поработи на странска интервенција преку организиран пуч.
Автор: Мирка Велиновска