Овонеделната колумна ќе ѝ ја посветам на ОГРАДАТА. Поимот означува средство со чија помош некои штитат и обележуваат нешто што е нивно. Оградата всушност е заштита. Оградите можат да бидат од секакви материјали: дрвени, метални, камени, бетонски, пластични, стаклени, комбинирани, психолошки, ментални, идејнополитички. Можат да бидат видливи и имагинарни (замислени или измислени, ако си штрапан). Често служат како вид огласна табла за испраќање секакви пораки, нешто како алтернативни весници или како Фејсбук од преткомпјутерското време. Се поставуваат за обележување приватен имот, на држави, општински атари, земјишни парцели. Оградите како такви се предмет на работа на институции какви што се катастарите, па постои и професија чија основна дејност е утврдување на границите помеѓу оградите. За оградите отсекогаш се војувало. Од комшии до држави. Бидејќи оградите се менливи и минливи, тогаш јасно ви е зашто мапите на светот мора редовно да се обновуваат. Од тој факт се прави и историјата.
Но од сите видови огради и оградувања мене ми е најинтересна менталната ограда. Оти оградата во суштина е одбранбен механизам на секое суштество што е дизајнирано да има два основни нагона: опстанок и страв. Минатата недела пишував за идејнополитичката диференцијација што во моментов се изведува врз Миленко Неделковски. На човеков му се навртеа организирано сите поклоници на инквизицијата само зашто говори еретички. Демек, користел говор на омраза. Но ниту еден од овие инквизитори не може да каже што точно подразбира под ваков говор. Дури не може ни да го дефинира поимот. Важно е оти некој одредил дека може да биде ефикасна алатка во дисциплинирање непослушни индивидуи што можат да имаат широко јавно влијание, кое може да му наштети на намерите на некој моќен политички центар. Како и да е, фронтот е отворен. На една страна се оние што го бранат, а на другата оние што го напаѓаат Миленкота. Но има и трета страна, поради која е измислен поимот громогласна тишина.
Како да ви ги опишам? Најдобро е низ примери и архетип-поведенија. Еве, прво еден антологиски виц. Црногорец, дедо, му раскажува на внукот за антифашистичката епопеја, па му вели: „Германците кога ќе фатеа некој партизан, пред да го казнат му даваа да избере: да го ебат (пардон, свирнат, натртат, онадат, сексаат) или да го стрелаат (ова оди клот, без алтернативи, оти не спаѓа во говор на омраза). Внуков, кој очигледно не знаел дека има прашања што не заслужуваат одговор, го начекал дедо си со незгодно прашање: „А тебе, дедо, што ти направија?“ Старецов, кој очигледно бил борец-опортунист, брзо се снашол, па одговорил: „Мене? Е, су стрељали“.
Вториов пример е модерен и не е виц, а треба да стане. Вака оди дијалогов меѓу Миленко и Ивица Боцевски, а јас го прераскажувам. Ивица му вели на Миленко дека го брани од нападите на инквизиторите распослани по социјалните мрежи. Миленко прашува како го прави тоа кога не се гледа, чита и слуша. Ивица му вели: „Па така што не сум се оградил од тебе, иако твитер-заедницата (ух бог те, имало и таков политички ентитет) ме притиска“. Треба да објаснам? Ајде тогаш! Кога молчиш за нешто што задира во категоријални вредности, како што е слобода на говор и изразување, имаш два мотива. Опортунистички и кариеристички. Во двата случаи станува збор за избор на стравот и пресметаноста наспроти судир со моќта. Овие фаци народот ги именува уште како гребатори, сеирџии, пушачи. Тие внимателно следат политичка метеопрогноза за да знаат кога нагло да свртат во остра кривина, правовремено да отворат чадор кога ќе заврне во Белград, Атина, Москва или Вашингтон, односно Брисел, за да ќарат кариера или зделка. Примери има едночудо. Латас во одбрана на американските амбасадори во Македонија се огради од колумните на Миленко (имал притисоци и тужби). Чилиманов од принципиелни причини ја брани американската пријателска политика кон Македонија. Јолевски го бранат неговите абоненти од нашите „неаргументирани“ критики на случајни кафе-сеанси, убедувајќи нѐ „пријателски“ во неговата патриотска натура. Ивица Боцевски по посетата на Брисел во својство на вицепремиер се огради од својата влада со оставка со фуснота дека Владата отстапила од евроатлантскиот пат. Јас, поради мојот остар и директен говор (на омраза де), многупати сум се нашла пред судот на инквизицијата, ама и пред оградата на громогласната медиумска квазиинтелектуална тишина. И затоа имам практика прецизно да ги нотирам плимите и осеките во односите со молчеливите бранители на слободата. Ги ставам во графикони. Кога сум во милост (арогантно си мислат дека те ќариле) на еден центар на моќта, тогаш ме облетуваат како муви сите опортунисти. Мислат дека преку мене можат да ќарат кариера, профит, услуга и сл. Кога сум во немилост, не ме познаваат. До следната тура промени. Поради таквото искуство сум ја измислила превентивната самоограда „не играм на свадби“ и „не прифаќам директиви“. Поради тоа практикувам да не го барам никој што има моќ ако не морам поради информација. Бегам од масовки како што се протоколарни славја и чествувања. Не сакам да се церекам и кезам за да бидам коректна со оние што ми го згомнуваат животот со политиките што ги водат за самокорист. На 17-от пленум на ЦК на СКЈ станав злосторник и партиски еретик поради тоа што ги искритикував жестоко Васил Тупурковски и неговата џемперашка одбрана на Слободан Милошевиќ. Ми се оградија со ѕид на молкот (казнен механизам што го практикуваше Сталин во 1950-1953 година) моите колеги-новинари. Во 1998 година, веднаш штом победи двојката Георгиевски – Тупурковски, доживеав главниот уредник на „Вечер“, Стојан Насев, во едиторијал побаран од Владо Камбовски, висок функционер на ДА и сегашен претседател на МАНУ, да се огради од моите текстови објавувани во неделникот „Пулс“. По мојата судска битка со Арбен Џафери од мене се огради газдата на неделникот „Старт“, Љупчо Палевски, сосе главниот уредник Томислав Ивановски, а на љубезна замолница од американската амбасада. По таа фамозна победа на 15 септември, Геровски јавно побара јас и Латас да бидеме отстранети од медиумскиот простор оти настапува времето на симфонискиот медиумски оркестар. Сепак, во мојата меморија најгаден пример на оградување е оној што ми го приредија колегите од ЗУМ, чиј основач бев токму јас со уште тројца пребези од „Старт“. Напишав колумна „Ќе го бранам Љубе“. И тоа неколку месеци пред да го транспортираат во Хаг. Предупредив дека се крчка Македонија да биде обвинета за воени злосторства, и тоа во војна што не беше заведена како таква, која никој не ја дефинирал, во која не се знаеја страните што војуваат ниту карактерот на воените дејства. Барав да се попречи оваа гадост, иако Љубе Бошковски, избран да биде жртва, ниту го познавав ниту имав високо мислење за него. Напротив, каде што стигав и кога стигав го мавав жестоко со зборови. Барав, ако има нешто незаконско во неговата работа, тоа да го решаваат домашните судови. Уште ми ечи во ушите громогласниот молк од стаписаноста за ваквата моја неочекувана „дрскост“. А се подготвуваа избори. Оние фамозните „на 15 септември“. Падна одлука на Бихаќска. Колегите од ЗУМ само ја спроведоа до последна запирка. Љубезно ме замолија да престанам да пишувам до 15 септември, оти со мене не можеле да земат плата. Потоа? Триесет и седум комада новинари станаа портпароли во министерства. Потоа истите тие што се оградија од мене поради Љубета злосторникот се оградија од мене и зашто сум молчела кога го судеа и осудија за криминал. Истите ликови како Бранко Геровски што го тужеа Бошковски за криминализација на одбраната, на полицијата во време на конфликт, потоа го бранеа како паднат борец. На Хаг не се ни сеќаваат. На себе уште помалку. Последниот пример на опортунистичка ограда е оној од 2011-та, кога Миленко, Бобан и Јас решивме да го скандализираме Европскиот парламент со разгологазување на корупциската врска на политпрофитерството и новинарското гребаторско, полтронско и кариеристичко подземје. Боже златен! Каков само громогласен молк нѐ обви! Бре, живо пиле околу нас не се навртуваше. Денес никој не се сеќава на оградите. Небаре биле во Брисел и општеле со нас духовно одназад. Оти, оние што молчат наменски имаат една карактерна маана. Склони се да се саморетушираат. Како Стојан Андов. Жртви се на самоперципирање како секогаш исправни и морално чисти личности. Развиле селективна меморија според која нив секогаш ги стрелаат. Дури и кога очигледно некој ги трти или без формална замолница сами смкнуваат гаќи и се местат под најдобар агол.
А ако некој сака попрецизно да дефинира што е говор на омраза, еве му три еклатантни примери: 1. Лидија Димова, министерка за надворешни работи во сенка во владата на коалицијата „бескрајна глупоќа“ ќе напише: „Македонците никогаш нема да бидат Унгарци“ (небаре поднеле некому барање за менување идентитет). Оти не учествуваат во фингерајот во 100 продолженија „устанак“, а со намена сезонски да ѝ помогнат на Грција при пишувањето на годишниот извештај на ЕУ. 2. Бранко Геровски, идеолог на политичкиот шунд на Заев и Шеќеринска ќе заклучи: „Македонците не ги бива ни за Украинци“, кои за потребите на политичкиот авантуризам и профитерски интереси на хохштаплери неповратно си ја изгореа државата. 3. Двајца скопски градоначалници, Жерновски и Коневски, преку спортот и навивачите на Работнички и МЗТ, а со стимулација на говорот на омраза, решија да профитираат партиски.
Автор: Мирка Велиновска