Колумната на Ивица Боцевски (06.06.2014):
Наслов: Безумноста на бојкотот
Автор: Ивица Боцевски
Зошто директно го повикав јавниот обвинител да поведе постапка за рушење на уставниот поредок доколку СДСМ излезе со иницијатива за создавање на „парламент во сенка“ и зошто нивниот актуелен бојкот на институциите е безумен чин кој ги буди мрачните сценарија за иднината на Македонија?
Прво, никој не ја спори иницијативата на СДСМ за претставување на „влада во сенка“, но и тука имаме сериозно промашување на оваа партија. Таква институција на „влада во сенка“ постои со децении во земјите што имаат парламентарна демократија, но за разлика од македонското чаршиско поимање на институцијата „влада во сенка“, во овие држави таквото тело е исклучиво дел од парламентарната процедура и ништо повеќе. Што значи тоа во пракса? Членовите на „владата во сенка“ се истовремено и членови на парламентот, а статусот „министер во сенка“ едноставно означува дека токму таа парламентарка (или тој парламентарец) од најголемата опозициска партија ќе зборува прв за време на парламентарната расправа по излагањето на самиот министер („министерот на виделина“), а во неколку парламенти дури е предвидено и време за директно соочување помеѓу министерот и „министерот во сенка“ при секоја расправа во собранието или во неговите тела. Лидерот на опозицијата притоа го има правото прв да говори и да се соочи со премиерот затоа што тој е директниот соперник на самиот премиерот за неговата функција. Во случај опозицијата да победи на изборите, идниот мандатар нема никаква обврска кон „министрите во сенка“. Тие може, но и не мора да станат министри. Значи, самото постоење на „владата во сенка“ е нераскинливо поврзано со работата на парламентот и само така има смисол постоењето на ваква инситуција. „Влада во сенка“ вон Собранието е само еден маркетиншки трик, без каква било обврска на самата влада кон ова измислено тело. Впрочем, ќе биде навреда за демократијата и за сите граѓани на Македонија доколку било кој актуелен министер се соочи со некаков „министер во сенка“ на некаква улична или кафеанска собиранка што себеси се нарекува „влада во сенка“. На тоа, всушност, и ќе се сведе идната СДСМ-овска „влада во сенка“ доколку тие и натаму одбиваат да влезат со Собранието и таму да ги претстават интересите на граѓаните што им ја дале довербата на изборите.
Меѓутоа, најавата на СДСМ за создавање на некаков „парламент во сенка“, како и најавата за истапување од ЗЕЛС на градоначалниците на СДСМ и за создавање на некаков патетично наречен „сојуз на слободни општини“ е далеку поопасен чин кој што директно го подрива уставниот поредок на Македонија. Собранието на Македонија е носител на суверенитетот и стожер на демократијата во Македонија, критична институција на македонскиот уставен поредок. Паралелни парламенти во политичката историја постоеле само во држави кои биле во длабоки граѓански војни, па таму постоеле паралелни парламенти, влади и војски што се бореле за превласт. Таква ли иднина за Македонија посакува СДСМ? Доколку дозволиме сега да помине без осуда една таква иницијатива, тогаш како ќе треба да реагира македонската држава доколку утре-задутре некому текне да го активира референдумот за „Илирида“ од јануари 1992 година, па да ни израсне во Мала Речица некаков парламент на Илирида или „сојуз на албански општини во Македонија“ во Зајас, сличен на планираниот „сојуз на слободни општини“ на СДСМ? Дали тогаш СДСМ ќе повика инситуциите да реагираат? Дали во една таква ситуација СДСМ ќе го осуди обидот за создавање паралелни институции? Дали некој таму воопшто мисли каков преседан ќе создаде во македонската политика доколку пристапи кон вакви безумни одлуки? Доколку се мисли дека претерувам со овие заклучоци, тогаш треба само да се потсетиме како настана Република Српска во Босна и Херцеговина. Таму Србите одлучија да излезат од босанскиот парламент по референдумот за независност на БиХ, па создадоа паралелна Скупштина на српскиот народ во Босна и Херцеговина, која што распиша плебисцит, се создадоа и српски општини, а со Дејтонскиот договор тој ентитет доби и меѓународно признание. Ќе повторам, таква ли иднина за Македонија посакува СДСМ?
Не само тоа, туку и целата идеја на бојкот е анти-државна. Кон бојкот се пристапувало кога требало да бидат оспорени самите институции на нелегитимната власт. Мене ми е совршено јасна одлуката на Ирците за бојкот на институциите на британската империја, во предвечерието на нивната независност, или бојкотот на Индијците на институциите на истата таа империја во колонијална Индија. Совршено јасна ми е и стратегијата за бојкот на српските институции на Косово, предводена од некогашниот косовски лидер Ибрахим Ругова или бојкотите организирани од црното мнозинство во Јужноафриканската република и во некогашна Јужна Родезија, а денешен Зимбабве. Дури и актуелниот глобален хегемон, САД, го започнува својот од кон сопствена држава преку организиран бојкот на британскиот парламент и на неговите одлуки. Меѓутоа, сите овие одлуки за бојкот имале цел да го оспорат правото на туѓинските инситуции да го регулираат животот и општеството во заедниците што барале автономија или целосна независност. И денеска ирските републиканци од Шин Фејн излегуваат на избори за пратеници во Вестминстер, меѓутоа тие никогаш не учествуваат во работата на британскиот парламент затоа што одбиваат да и се заколнат на верност на британската кралица, чин што мора да го извршат сите избрани британски парламентарци за да може полноправно да учествуваат во работата на парламентот. Нормално, ирските републиканци од Шин Фејн веруваат дека Ирска треба да биде обединета и дека британската кралица не може да биде суверен ни во Северна Ирска, а нивните бирачи се совршено запознаени со оваа одлука на партија и многу добро знаат дека избраните претставници од оваа партија нема да ги земат своите места во британскиот парламент. Меѓутоа, во Македонија не гледам дека сакаме да се ослободиме од туѓинска власт или да го отфрлиме колонијалниот јарем на нечија туѓа империја или да си прекинеме врските со некоја друга држава, па да се осамостоиме (тоа веќе го сторивме на 8-ми септември 1991 година), така што не ми е јасно чиј легитимитет и чиј суверенитет го спори СДСМ со својата одлука за бојкот? Какво е тоа безумие на спорењето на инситуциите на сопствената држава преку бојкотот на нејзините инситутиции? И мене не ми се допаѓале (и не ми се допаѓаат) многу носителите на јавни функции во Македонија во изминативе 25 годни, но тие се израз на демократската волја на народот на Република Македонија и јас немам поинаков избор, освен да ги прифатам како такви.
Проструи и една друга теза во јавноста овие денови, а тоа е дека СДСМ ќе правел некаква широка политичка и граѓанска коалиција, според моделот на ДОС од Србија или ДЕМОС од Словенија. ДЕМОС во Словенија во 1989 година беше формирана како сојуз на демократски партии кои требаше да понудат алтернатива за тогашната единствена словенечка партија, Сојузот на комунисти на Словенија. ДОС во Србија во 1999 година беше формирана за да понуди алтернатива за неприкосновениот СПС на Слободан Милошевиќ. Во Македонија такви коалиции кои требаше да овозможат алтернатива за тогаш единствената СКМ, па СКМ-ПДП, па СДСМ, беа коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија од 1996 година и коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДА од 1998 година. И двете коалиции беа успешни затоа што Македонија појде по демократска и европска врвица по нивната победа на локалните, односно на парламентарните, избори. Сега, кога државава е цврсто на патеката на демократизација, со јасно поставени цели за интеграција во ЕУ и НАТО, нема никаква смисла да се градат вакви коалиции. Посебен апсурд е, пак, СДСМ, како партија која што мораше да биде победена за Македонија конечно да се придвижи кон демократијата и кон ЕУ, да биде лидер на таква коалиција. Тоа е партија со авторитарен ментален склоп, чии врвни поединци себеси се гледаат како аристократија на која што природно и припаѓа правото да владее. Со нив на власт во Македонија државата секогаш излегувала од врвицата на демократизацијата, а елитизмот, корупцијата, непотизмот царувале со Македонија. Нивната власт повторно би била една скапа журка за богатите и привилегираните која што на крајот ќе треба да ја платат граѓаните на Македонија. СДСМ може да направи каква било коалицијата, но се додека на чело на таа коалиција се нивните препознатливи ликови, било да се работи за вечната клика околу Црвенковски или за групата околу Заев, граѓаните тоа нема да го препознаат како некаква граѓанска коалиција, туку како обид на СДСМ да ја скрие својата беда и своите намери зад некакво ново руво. За нивна жал, таа претстава веќе неколку пати сме ја гледале, па нема да им помине.
Нормално, потребен е коректор на власта и функционална опозиција во Македонија, но коректор на актуелната коалиција би била некоја автентична опозиција, со јасно изграден профил и со јасно препознатлив тим. Како може СДСМ вон институциите да биде коректор на власта, кој притисок би го вршел СДСМ на власта кога самиот си ја одзеде најдобрата и најефикасната алатка што и стои на секоја опозиција, собраниската говорница?
Познато е дека историјата се повторува само како фарса, па сите овие замислени историски паралели се налудничави за секоја здраворазумски поединец. Тие тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ бил надвор од парламентот во 1994-1998, па затоа лесно дошол на власт во 1998 година, потоа дека Демократска странска била надвор од српското собрание во периодот 1997-2000, па затоа победила во 2000 година, за на крајот да заклучат дека со бојкотот на македонското собрание во 2014 година, СДСМ автоматски ќе се врати на власт во 2018 година. Оваа логика е слична на онаа легендарната од 1980-тоте дека Беласица од Струмица го победила Вардар, Вардар ја победил Ѕвезда, а Ѕвезда го победила Реал од Мадрид, па тоа значи дека Беласица од Струмица, исто така, го победила Реал Мадрид. Такви паралели прави сега и СДСМ, но заборава дека суштината на победата на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година и на ДОС (Демократска странка) во Србија е порив на граѓаните за демократизација. Зошто сега граѓаните би му ја враќале довербата на СДСМ кога совршено добро знаат што ќе добијат како резултат – демократско уназадување, економска стагнација и социјална беда! Не само тоа, туку зошто граѓаните би и давале доверба на партија која што е подготвена да го урниса уставниот поредок на Македонија, да ја носи државата во црни сценарија и да прави безумни преседани кои може во иднина да бидат искористени од душманите на оваа земја, само затоа што тие не се способни да се соочат со пораз, со волјата на народот, со демократијата и со плурализмот?