БОЦЕВСКИ

БОЦЕВСКИ

Секој пристоен проследувач на македонската политика само би одмавнал со раката и би се насмеал доколку му биде поставено вакво прашање.
Македонија во изминатиов четвртина век независност во ниту еден момент немала макар и размислување за отворање елементарна критичка дебата околу својата стратегиска ориентација за членство во ЕУ и во НАТО. Сите македонски претседатели, од Глигоров до Иванов, и сите македонски премиери, од Кљусев до Груевски, по скопски сленг кажано „ја вртеле истата плоча“ околу македонската надворешна политика и стратегиската ориентација на Македонија. Русија никогаш не била дел ниту од дебатата, а камоли од политиката.

Како тогаш на една група во Македонија ѝ се привидуваат „козаци на бели коњи“ што вмаршируваат во Македонија? Деновиве беше направен еден перфиден обид за производство на скандал. Еден медиум невешто го прикажа говорот на Александар Николовски за време на дебатата за извештајот во македонското собрание, како доказ дека овој пратеник „им се заканувал на САД и на ЕУ“ и отворено промовирал проруски ставови. На ова се надоврзаа уште неколку измислени вести и написи од истиот медиум, а дури и некои политички партии се истрчаа да пронаоѓаат поделба на проруски и прозападни политички сили во Македонија.

Вистината во овој случај не е поинаква, туку е целосно спротивна од кажаното во медиумот. Александар Николовски неделава го одржа најостриот антируски говор во актуелниот состав на македонското собрание. Сите позиции од неговиот говор се во линија со најпламеното проамериканско и проатлантско крило на македонската политика (таму политички предводници се Влатко Ѓорчев и Зоран Јолевски). Ова крило се одликува со бескомпромисен став за цврст сојуз на Македонија со САД, а интелектуално тие својата инспирација и извориштата на своите говори ги бараат во неоконзервативната мисла на американската политичка дебата. Не само во делот на НАТО туку и во однос на потребата од американски интервенции во светот за „промоција на демократијата“, во делот на демографијата, економијата, културата и слично. За оваа идеолошка нишка во ВМРО-ДПМНЕ одамна сум пишувал. Како стожерна партија и „голем шатор“ на македонската политичка сцена, оваа партија во себе содржи и други идеолошки струења.

Јас овие ставови, промовирани од Александар Николовски, не ги споделувам и сметам дека Македонија треба да има многу побалансирана надворешна политика. Во неговиот говор Николовски јавно прашува дали е свесна Европа дека „најдобар играч за Русија на Балканот е Грција, која не дозволува Македонија да влезе во Европската Унија со наметнат спор за името“. Во македонското собрание, барем во актуелниот состав, никогаш не била искажана појасна осуда на руската надворешна политика. Пратеникот е совршено јасен во својот став дека ја гледа Македонија во ЕУ и во НАТО, но и во цврст сојуз со САД, а ја критикува ЕУ затоа што таа, со одложувањето на македонското членство во овие организации, остава простор во Македонија за подем на други политички концепти. За тоа зборуваше и актуелниот македонски претседател Ѓорге Иванов во Обединетите нации, кога предупреди дека „вакуумот“ на Балканот може да биде пополнет од други сили. Притоа, и претседателот и пратеник се недвосмислени во својата поддршка на евроатлантските интеграции на Македонија.

Меѓутоа, затоа што очигледно групацијата околу екстремното крило на СДСМ не ги следи локалните, регионалните, европските и глобалните дебати, ниту, пак, чита нешто надвор од „мудростите“ на нивните „колумнисти“, а, од друга страна, си живеат во некој свој меур каде што тие се за „демократија“ и за „европски вредности“ за разлика од сите други, тие избираат од ова да направат конструкција дека „владата се врти кон мајка Русија“. Сепак, вистината е сосема поинаква. Во Македонија актуелната влада настапува од јасни прозападни, проамерикански, проатлантски и проевропски позиции затоа што таа партија (ВМРО-ДПМНЕ) е изградена на таквите вредности и затоа што тие искрено веруваат во таа насока за македонската надворешна политика, од својата прва политичка платформа, па сѐ до денес. СДСМ, пак, е на тие позиции само затоа што нивното раководство се состои од безрбетни опортунисти што процениле дека така најлесно ќе си поминат во животот и во кариерата. Единствена точка каде што политиката на Владата отстапува од политиките на Вашингтон и на Брисел е исклучиво прашањето за името, каде што актуелната владејачка ВМРО-ДПМНЕ опстојува на ставот дека тука се бранат македонскиот идентитет и македонската државност, а Брисел и Вашингтон во целиот проблем гледаат како на ситна непријатност што им оневозможува да ја интегрираат Македонија во ЕУ и во НАТО. За жал, САД и ЕУ ја избираат политиката на помал отпор во „спорот за името“, па сиот притисок го насочуваат врз Македонија, единствено затоа што ние сме послабата страна. Едно крило на СДСМ, поврзано со Сорос на Владе Милчин и група новинари и „интелектуалци“, во целава ситуација гледа шанса за себе да извлече уште понекој грант од УСАИД и слично, претставувајќи си се себеси како некакви „борци за слобода“ и за „прозападни“ ставови, па затоа си ги форсираат нелогичните измислици. Сепак, еден ден грантовите ќе се потрошат, Американците ќе си најдат некоја друга занимација, а овие ликови ќе исчезнат веднаш штом ќе се соочат со пазарот и со оцената на граѓанинот, во улога на читател/слушател/гледач. Ставот дека во спорот за името се бранат македонскиот идентитет и македонската државност консензуално го споделуваат огромното мнозинство граѓани на СДСМ. Единствено раководството на СДСМ, затоа што во заробеништво оваа партија ја држи опишаното екстремистичко крило, се обидува да најде некоја меѓупозиција, па се труди ем да им се приближи на граѓаните ем да ја осуди актуелната надворешна политика на Владата, што е логички невозможно и неиздржливо.

Нејсе, јас лично сметам дека светот е променет. Точката на промена беше 2008 година и банкротот на американската банка Лиман брадерс. Јас се залагам Македонија да отвори поширока дебата околу своите стратегиски приоритети и партнерства и конечно на целото ова прашање да му се пријде рационално и ладнокрвно, наместо досегашниот навивачки и болшевички приод (мавање во гради кој е повеќе за ЕУ и за НАТО, па потоа си ги мериме модринките за да утврдиме кој повеќе „работел за Македонија“). Тоа, за мене, не исклучува дека стратегиската цел останува целосна интеграција во ЕУ и во НАТО, но тоа вклучува целокупно преиспитување на трошоците и на корисноста од овие партнерства, но и отворање нови опции за нови и видоизменети специјални односи со повеќе регионални и глобални чинители, без никакви идеолошки пречки и залетувања. За жал, оваа дебата сѐ уште не сме ја отвориле, а секое нејзино одложување значи продолжување на инерцијата на актуелната македонска надворешна политика, која е скроена за едно друго време и во еден поинаков свет.

Автор: Ивица Боцевски

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1017141055209&id=13&prilog=0&setIzdanie=23300#.VEDxQu8OvKg.facebook