ЕДНОУМИЕ

ЕДНОУМИЕ

Од гостувањето, настапите и доручекот на Федерика Могерини во Македонија најмногу ми остави впечаток, односно ме исплаши, потенцирањето и радувањето (иннсистирањето) дека и позицијата СДСМ и опозицијата ВМРО ДПМНЕ, биле усогласени и со еднаков став кон Евроатлантските интеграции. Значи, помеѓу Заев и Мицковски нема никакви разлики и несогласувања околу оваа агенда која значи промена на име, идентитет и власт (ќе ја преземат албанците) во државава. Исто си мислат за тоа, исто си мислат за протерувањето на рускиот дипломат, исто си мислат за рускотото влијание во Македонија, исто не ни смеат да си мислат за американското влијание во Македонија. Штое, побогу, разликата помеѓу овие две партии?!

За таква едногласност беа пофалени и пратениците во Собранието, но и политичарите поединечно. Кој на средба, кој на доручек, ама со иста наредба: МОРАТЕ СИТЕ ИСТО ДА МИСЛИТЕ.

Тоа во теоријата на политичката наука и во историската пракса се вика ЕДНОУМИЕ. Едноумието по дифолт значи диктатура и режим. Значи тортура, замолкнување на интелектуалата, бришење на медиумите.

Ако сите мислат исто, ако нема различни ставови, ако нема размислување за алтернативи – тогаш, ние не сме луѓе, ами бројлери.

Како е можно од здраворазумски луѓе, ако вопшто има такви во Собранието и партиите, да се бара сите да  мислат исто?!

Да е бељата поголема, Данајскиот подарок што Могерини го носи за сите да продолжат да мислат исто, е лист хартија што веќе 9 пати ни го даваат. Ист лист, како на пример оној добиен од Оли Рен пред 9 години.

И пред 9 години, како и сега, со таа препорака можат политичарите да си го забришат валканиот газ (и образ), и ништо повеќе.

Како во случајот кога во јануари дојде Столтенберг, сите како попчиња се собраа.

Сите од сите партии, сите што во рамките на една партија се искарани меѓу себе – сите, и сега ја исслушаа Фредерика Могерини, политичарка од Италија, каде нејзината партија е со рејтинг како онаа на Бачев во Македонија. Значи, никаков.

И сите се согласија дека ќе мислат исто ко неа. Односно ко полтичарка од Италија која во својата земја доаѓа од партија која има влијание ко онаа на Павле Трајанов – никаков.

Инаку, за разлика од поимањето на оние што следеле “Кумровачка школа“, или “Конрад Аденауер“ обуки, или “Младите лидери“ на Хорхе, или најразличните Соросови обуки… –  Собранието има цел да собере репрезенти од народот кои ќе го застапуваат народот и неговиот диверзитет во размислувањата. И за тоа да се дебатира, разгвара, аргументира и ГЛАСА.

Тоа е сврхата на Собранието. А не дневниците и патните трошоци на пратениците.

Оти, видете вака, проста е работата и лесно се гледа. Имено, ако сите 120 пратеници се истомисленици околу ова што Могерини го проповедаше во Собранието, тогаш значи дека и граѓаните, кои се преку своите претставници (парламентарци) претставени во тој НАРДЕН и ЗАКОНОДОАВЕН дом, МИСЛАТ ИСТО?!!!

Излете на улица и проверете дали сите мислат исто? И оние од албанската заедница, и ромите, и оние наколнети кон СДСМ и оние што се наслонети на ВМРО ДПМНЕ? Исто ли тие наши сограѓани мислат за ЕУ-НАТО интеграциите, исто ли мислат за продавањето на името, исто ли мислат за 9-тата препорака, исто ли мислат за законите со и без европско знаменце? Ако мислат исто, тогаш е во ред. Но, ако не мислат исто, тогаш Собранието со пратениците не се претставници на народот, како што е замислено според Уставот. Значи дека пратениците и Собранието се ОДНАРОДЕНИ?

А такво Собрание треба да се сруши а пратениците да се набркаат. Бидејки народот не го претставуваат.

Тие во Собранието, кои си штедат од патни трошоци  и дневници, и секоја година од тие пари жглап си купуваат по еден 60-тина квадрати стан во Скопје (ама не во Топпаана, туку во Аеродром), ако се сигурни дека не сум во право и дека нивните гласачи ги поддржуваат, нека ИЗГЛАСААТ ЗАКОН со кој директно ќе се проверат пред народот. Односно нема да се кријат и шлепаат под сукњата на Груевски, Мицкоски, Заев, Ахмети…

Значи, ако сте толку ербап, бујрум изгласајте нов изборен закон што ќе биде со модел Македонија да е една изборна единица. При гласањето да постојат отворени листи на партии и здруженија. А гласачот да може на тие листи директно да заокружува имиња на неколку кандидати.

На пример, гласам за ВМРО ДПМНЕ, ама не за Александар Николовски. Или, гласам за СДСМ ама не за Шекеринска. Па така, со една чиста ситуација да се види кои се народни претставници, а кои се клонирани овци ко леѓендарната Dolly.

Тоа воедно ќе е можност Мицкоски и Заев на листите да стават габаритни ликови, препознатливи и ценети од народот. Ликови за кои граѓанинот ќе гласа оти го препознава. А не да се тоа листи на no-name персони кон ниту некој ги знае ниту познава, а мандат добиваат благодарејки на партискиот рејтинг и послушноста кај лидерот. За најголемиот дел од собраниските делегати разбираме дека воопшто постоеле дури откако ќе мине година две од нивниот пратенички мандат. Нов систем на гласање, директен систем, е начин Собранието да добие фактички претставници на народот, а не партсиски послушници.

Се друго е ЕДНОУМИЕ.

 

Миленко Неделковски

Скопје, 21.04.2017